Mehmet Burak Karacaoğlu,Ahmet Karaahmet
07 Јули 2020•Ажурирај: 08 Јули 2020
ИДЛИБ (AA) - БУРАК КАРАЏАОГЛУ/АХМЕТ КАРААХМЕТ
Во камповите за бегалци во Идлиб, Сирија, поради несоодветните услови за живеење и недоволните здравствени услуги почна да се шири болеста лајшманиоза.
Во камповите каде што живеат цивилите, кои избегаа од нападите на режимот на Башар ал Асад и нивните приврзаници, се појави болеста лајшманиоза, како резултат на отворените септички јами и инфраструктурните проблеми, особено оштетената канализација.
Мухамед ел Ибрахим, кој заедно со семејството се засолниле во кампот „Шам ел Хајир“ бегајќи од нападите на режимот, во изјавата за дописникот на АА рече дека 7 лица од неговото семејство се заразиле со болеста лајшманиоза.
„Ситуацијата во кампот во кој живееме е многу лоша. Во кампот се има собрано валкана вода и има лош мирис. Седум лица од моето семејство се заразија, а децата не заздравуваат“, нагласи Ибрахим.
Истакнувајќи дека во кампот нема здравствен центар, Ибрахим рече: „Применивме методи на алтернативната медицина, но не видовме корист од тоа. Загрижени сме од ширењето на оваа болест. Не можеме да ја контролираме. Имаме потреба од здравствена заштита, третмани и лекови.“
Аднан Кадур, кој е одговорен за кампот, рече: „Во кампот живеат 425 семејства. Инфицирани се 120 семејства. Болеста се пренесува поради немањето лек во регионот. Канализациските води се собираат на патиштата. Бројот за заболени продолжува да се зголемува секој ден.“
Лекарот од Идлиб, Ибрахим Меки, исто така, рече дека болеста лајшманиоза се шири поради недостатокот на лекови во градот.
Наведувајќи дека лајшманиозата е заразна болест на кожата, Меки нагласи: „Болеста се пренесува со касање на песочната мушичка. По дијагнозата започнува процесот на лекување. Се лекува според бројот на рани, регионот и отпорноста на организмот. Како регион, ние се жалиме на недостаток на лекови. За да се спречи болеста, неопходно е да се користат инсектициди, да се има мрежа за заштита од комарци и да се затворат канализациските јами.“
- Лајшманиоза -
Болеста, која претежно во светот се јавува на Медитеранот и Блискиот Исток, е предизвикана од паразитот наречен „Leishmania tropica“.
Паразитите се пренесуваат преку песочната мушичка, а можат брзо да се шират во областите каде што нема хигиена и чистота. Паразитот со текот на времето се шири низ телото. На местото каде што каснува мушичката се создава розова дамка. Со текот на времето, дамката станува позабележителна и преминува во рана.