Gökhan Kurtaran
15 Октомври 2021•Ажурирај: 17 Октомври 2021
ЛОНДОН
Владата на Велика Британија соопшти дека ќе им издаде работни визи на 800 странски касапи за колење свињи пред Божиќ, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Џорџ Јустис, британскиот министер за животна средина, храна и земјоделство, истакна дека на 800 странски касапи ќе им бидат доделени работни визи во кланици за свињи за да се задоволи зголемената побарувачка за месо пред Божиќ.
„Она што ќе го направиме е да им дозволиме на касапи да дојдат привремено во земјата до шест месеци, во состав на програмата за сезонски работници. Давањето на ваквата дозвола ќе ни помогне да се справиме со колењето свињи во фармите во моментов“, рече Јустис.
Министерот Јустис додаде дека многу граѓани на ЕУ кои работеле во одгледување свињи во Велика Британија, заминале во нивните земји поради епидемијата и не се вратиле назад.
Според податоците на Британското национално здружение за одгледување свињи, бројот на свињи што чекаат да бидат заклани во земјата е околу 120.000.
Во земјата, по Брегзит, постојат проблеми во снабдувањето и производството во многу сектори, особено во транспортот, поради недостиг на квалификуван персонал.
Експертите наведуваат дека вкупниот број возачи на транспорт во Велика Британија е околу 100.000 помалку од она што во моментов е потребно.
Се посочува дека производите увезени во земјата веќе почнаа да се акумулираат во пристаништата, а логистичката распределба не може да се изведе ефикасно.
„Маерск“, најголемата светска компанија за транспорт на контејнери, истакна дека Феликстоу, кое е едно од најважните пристаништа во земјата, е преполно со контејнери поради кризата со бродовите. Затоа големите товарни бродови се испратени во алтернативни пристаништа.
Според податоците на Националната канцеларија за статистика (ONS), во текот на изминатите две недели, еден од секои шест потрошувачи во земјата не можеше да стигне до основните прехранбени производи.
Според изјавата на Асоцијација за трговија на мало на Велика Британија (PRA) на 12 септември, 10 проценти од бензинските пумпи во главниот град Лондон и југоисточниот регион на земјата немаат гориво.
Британската Влада минатиот месец соопшти дека на 5.000 возачи на тешки возила и на 5.500 лица од странство кои ќе работат во секторот за живинарство, ќе им бидат дадени привремени визи за три месеци.