свет

Велика Британија и ЕУ се согласија за промени во Договорот за Брегзит

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, истакна дека Велика Британија имала втора шанса во однос на барањата за промени во Договорот, но дека нема да има трет пат.

Ahmet Gürhan Kartal  | 12.03.2019 - Обновена : 13.03.2019
Велика Британија и ЕУ се согласија за промени во Договорот за Брегзит

ЛОНДОН (АА) - Британската премиерка Тереза Меј синоќа изјави дека Велика Британија и Европската Унија (ЕУ) се согласиле на правнообврзувачки промени во Договорот за повлекување со ЕУ и во врска со политичката Декларација, јавува Anadolu Agency (AA).

„Постоеше јасна загриженост во британскиот Парламент особено во врска со едно прашање - разграничувањето со Северна Ирска“, изјави Меј на заедничката прес-конференција со претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, во Стразбур.

„Сосема е во ред да се има политика која ќе гарантира дека никогаш нема да постои цврста граница со Северна Ирска, бидејќи ќе ја почитува британската официјална обврзаност според Договорот од Белфаст од 1998 година“, изјави таа.

„Но доколку некогаш бидеме приморани да ја користиме таа политика на гаранција, таа не може да стане постојана спогодба и тоа не е образец за нашите идни односи“, додаде таа.

Нагласувајќи дека на нејзиниот договор, кој во јануари се соочи со историски пораз, му се потребни правнообврзувачки промени, Меј изјави: „Денес постигнавме согласност во врска со тоа.“

Изјавата на Меј дојде пред денешното, второ, значајно галасање во Долниот дом на британскиот Парламент.

„Сега е време да се обединиме, да го поддржиме надградениот Договор за Брегзит и да ги презентираме насоките пред британскиот народ“, изјави таа пред членовите на Парламентот.

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, изјави дека е крајно време да се заврши процесот на повлекување во согласност со желбите изразени од Владата на Велика Британија и да се продолжи што е можно побрзо кон преговорите за нашето идно партнерство.

Тој истакна дека Велика Британија имала втора шанса во однос на барањата за промени во Договорот, но дека нема да има трет пат.

Јункер повика на ратификување на Договорот во британскиот Парламент.

- Предлог-нацрт -

Британската Влада, исто така објави текст на предлог-нацртот за денешното гласање.

Во него се бара од пратениците да усвојат пет документи, вклучувајќи два кои се дел од оригиналниот Договор за повлекување и политичката Декларација усвоена од страна на Велика Британија и ЕУ, но подоцна одбиена од британските парламентарци; потоа документ кој го намалува ризикот Велика Британија намерно да биде задржана на точката за границата со Северна Ирска на неодредено време и ги обврзува Велика Британија и ЕУ да работат на алтернативна спогодба за разграничувањето до декември 2020 година. Потоа, заеднички извештај за заложбите во правец на надградување и забрзување на процесот и документот за независно дејствување од страна на Велика Британија за осигурување дека разграничувањето ќе биде само привремено.

Договорот на Меј на 15 јануари беше отфрлен во Парламентот со мнозинство од 230 гласа.

Парламентот усвои амандман со кој на Меј ѝ дава мандат со цел да издејствува законски обврзувачки промени во врска со повлекувањето на Велика Британија од ЕУ. Иако, ЕУ рече дека нема да го отвори Договорот за понатамошни преговори.

- Претстојно клучно гласање -

12 март:

Парламентот ќе гласа за Договорот на Меј и политичката Декларација, како и за трите нови документи објавени синоќа. Доколку Парламентот го усвои Договорот овој пат, Велика Британија ќе ја напушти ЕУ на 29 март со овој договор.

Доколку за Договорот повторно се отфрли, во следните два дена пратениците се очекува да дискутираат и да гласаат за два амандмани.

13 март:

Пратениците ќе гласаат дали да ја напуштат ЕУ без договор.

Доколку изгласаат да се напушти Унијата без договор, Велика Британија ќе ја напушти ЕУ на 29 март и бидејќи нема да има прифатен договор, нејасно е што ќе се случи непосредно по напуштањето.

Но доколку пратениците одбијат Велика Британија да ја напушти ЕУ без договор, на 14 март ќе се одржи уште едно гласање.

14 март:

Британскиот Парламент ќе гласа дали на земјата ќе ѝ биде потребно повеќе време за „уреден“ излез.

Доколку пратениците се согласат да го прошират членот 50, а со тоа и процесот на преговори, разговорите ќе бидат продолжени за одреден временски период, според договорот со ЕУ.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
Поврзани теми
Bu haberi paylaşın