Merve Özlem Çakır
09 Јуни 2019•Ажурирај: 10 Јуни 2019
ЦУКУБА (АА) - Министерот за индустрија и технологија на Република Турција, Мустафа Варанк, на втората сесија од состанокот на министри за дигитална економија кој се организира во рамките на средбите на Г20, имаше свое обраќање, во кое истакна дека вештачката интелигенција (АИ) треба да има сеопфатен раст, и со промовирање на одржливиот развој и напредок на глобално ниво, подвлече дека таа треба да им служи на интересите на човештвото, јавува Anadolu Agency (AA).
Министерот Варанк рече дека при дизајнирањето на системите за вештачка интелигенција, предвид треба да се земат различностите, и со почитување на владеењето на правото и демократските вредности, спроведување на стабилен и чувствителен процес со кој ќе се воспостави чесен и фер екосистем.
Турскиот министер рече дека за формирање еден безбеден систем на вештачка интелигенција, владите треба да развијат мултисекторски и консензуални глобални технички стандарди врз кои тој систем ќе се базира.
„И најмалата грешка што ќе се направи во основата на вештачката интелигенција може да предизвика масовни несреќи. Пример за тоа е „Боинг 737 Макс“. Кој ќе ја плати сметката за загинатите во овие несреќи, за милијардите долари што ги загубија авиокомпаниите? Затоа мора да се истакне дека иднината на вештачката интелигенција во вселенската и воздухопловната индустрија не може да им се препушти на иницијативата на компании кои се големи колку една рака. Ние како Турција, сметаме дека околу прашањата поврзани со вештачката интелигенција, потребно е создавање глобална формација во која секоја земја ќе има подеднакви права. Според нас, една од најголемите придобивки од состаноците што ги имаме на Г20 е какви чекори ќе бидат преземени во таа насока.“
- Интензивни билатерални средби на министерот Варанк -
Од друга страна, министерот Варанк, во рамките на активностите на Г20, оствари двојни средби со голем број свои колеги. Тој се состана со министерот за дигитална и креативна индустрија, Маргот Џејмс, министерот за наука и информатичко комуникациски технологии на Јужна Кореја, Јоу Јонг Мин, заменик-претседателот на Комисијата на ЕУ, Андрус Ансип и со германскиот министер за економија и енергетика, Петер Алтмаер.
Министерот Варанк, заедно со Али Таха Коч, претседателот на канцеларијата за дигитална трансформација при Претседателството на Турција, во Цукуба ја посети компанијата „Cyberdyne“, која, искористувајќи ја интегрираната технологија „Siberler“ на човечки, роботски и информациски системи, произведува роботски решенија.
Покрај оваа посета, Варанк ја посети и Јапонската агенција за аерокосмички истражувања (JAXA), каде што се информираше за нејзините активности и проекти.