свет

Генерален штрајк во Судан по акцијата на суданските сили

На граѓанската непослушност повика Суданското здружение на професионалци, откако владејачкиот Транзициски воен совет започна жестока акција против демонстрантите во Картум

Ekipa  | 09.06.2019 - Обновена : 09.06.2019
Генерален штрајк во Судан по акцијата на суданските сили

КАРТУМ (АА) - Суданските демонстранти денеска започнаа кампања за граѓанска непослушност низ целата земја, како дел од притисоците врз владејачкиот Воен совет, со цел да ја предаде власта на цивилна управа, јавува Anadolu Agency (AA).

Репортерот на АА јави дека низ главниот град Картум продавниците се затворени, а улиците празни. Демонстрантите ги блокирале патиштата во градовите Картум, Омдурман и Бахари.

На граѓанската непослушност повика Суданското здружение на професионалци (SPA), откако владејачкиот Транзициски воен совет започна жестока акција против демонстрантите во Картум, во која загинаа десетици демонстранти.

Суданското здружение на работници објави фотографии за кои истакна дека се од празниот меѓународен аеродром во Картум, велејќи дека во штрајкот учествуваат и аеродромските работници и пилотите.

]Претходно оваа недела, воените сили ги разбија протестите и главниот камп на демонстрантите во Картум, при што беа убиени над 100 демонстранти, а стотици беа повредени, според информациите на суданскиот Централен комитет на лекари.

По повеќемесечните антивладини протести, војската на Судан во април го собори претседателот Омар ал Башир, кој владееше со таа африканска земја од 1989 година.

Војската го основа Транзицискиот воен совет кој би требало да управува со земјата во период од две години. Опозицијата се противи на владеењето на овој Воен совет и бара итно формирање на цивилна власт во таа африканска земја.


На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.