Riyaz ul Khaliq
06 Мај 2019•Ажурирај: 09 Мај 2019
КОЛОМБО (АА) - Полицијата на Шри Ланка уапси две лица по синоќешниот вандалски напад на муслимански продавници и автомобили во градот Негомбо, јавува Anadolu Agency (AA).
Полициските официјални претставници соопштија дека група напаѓачи, претежно припадници на католичката заедница, каменувале неколку деловни простори и автомобили во сопственост на муслиманите, и дека полицијата уапсила двајца демонстранти.
Во текот на изминатата ноќ во Негомбо беше прогласен и полициски час, а станува збор за град во кој се наоѓа една од трите католички цркви кои минатиот месец беа средиште на терористичките напади во кои се убиени повеќе од 250 лица.
Полицискиот портпарол, Рувен Гунесекара, утринава соопшти дека полицијата воспоставила ред на улиците на Негомбо.
Локалните медиуми јавуваат дека во вандализирањето на муслиманскиот имот учествувале повеќе од 400 напаѓачи, а дека повеќе лица се повредени за време на инцидентот.
Утринава во посета на Негомбо допатуваа кардиналот Малколм Ранџит и челниците на муслиманската заедница за да го повикаат локалното население на мир и соживот.