Ekip
12 Ноември 2020•Ажурирај: 15 Ноември 2020
БЕРЛИН
Со развојот на првиот кандидат за ефикасна вакцина против Ковид-19, двајца турско-германски научници кои го постигнаа овој голем успех, го привлекоа на себе вниманието од целиот свет, јавува Агенција Анадолија (АА).
Фармацевтската компанија „БиоНТек“, која д-р Угур Шахин и неговата сопруга д-р Озлем Туреџи ја основаа во 2008 година, успеа заедно со американскиот партнер „Фајзер“ да ја развие експерименталната вакцина за која е утврдено дека повеќе од 90 отсто е ефикасна во превенција од Ковид-19.
Д-р Шахин, извршниот директор на „БиоНТек“, во понеделникот ги соопшти позитивните резултати од испитувањето на третата фаза и изрази надеж дека нивните напори ќе помогнат во запирање на глобалната здравствена криза.
„Првата анализа на нашата глобална студија за третата фаза пружа докази дека вакцината може ефикасно да го спречи Ковид-19. Ова е победа на иновацијата, науката и заедничките глобални напори“, изјави тој.
- Успехот на Шахин и неговата сопруга на насловните страници -
Успехот на Шахин и неговата сопруга, познати научници во областа на онкологијата и имунологијата во Германија, се појави на насловните страници по објавувањето за овој успех во локалните и меѓународните медиуми.
„Германскиот пар кој стои зад вакцината е имигрантска приказна за успехот“, наведува британскиот дневник „Телеграф“ (The Telegraph), истакнувајќи дека двајцата научници припаѓаат на заедницата од трите милиони Турци кои живеат во Германија.
Германскиот дневен весник „Тагешпигел“ (Der Tagesspiegel) го објави насловот „Како деца на имигранти станаа мултимилијардери: Пар кој стои зад вакцината против корона“, а го опиша како пример за успешна интеграција во германското општество.
- Шахин и Туреџи се деца на имигранти од Турција -
Шахин и Туреџи се деца на имигранти од Турција кои се доселиле во Германија во 1960 година.
Шахин, кој е роден во Искендерун во Турција во 1965 година, пристигнал во Германија како четиригодишно дете, каде што неговиот татко работел во фабрика за автомобили. Студирал медицина на Универзитетот во Келн и неколку години работел во Медицинскиот центар на Универзитетот во Саарланд.
Туреџи е ќерка на турски лекар кој емигрирал во Германија од Истанбул. Студирала медицина на Медицинскиот факултет на Универзитетот во Саарланд и направила пионерски чекори во областа на имунотерапијата против канцерот во Германија.
- Парот ја основа компанијата „БиоНТек“ -
Парот ја основа компанијата „БиоНТек“ за да ја развие техологијата за индивидуализирана имунотерапија против ракот.
Кратко по појавувањето на коронавирусот во Вухан, Шахин и Туреџи одлучија да го искористат своето знаење од технологијата „messenger RNA“ (mRNA) за да го поттикнат имунитетот и да го спречат заразувањето со Ковид-19 во рамките на проектот кој го нарекле Проект „Лајгтспид“.
Кон средината на јануари, компанијата склучи партнерство со американскиот фармацевтски гигант „Фајзер“ за да ја развие потенцијалната вакцина против Ковид-19.
Доколку добијат регулаторно одобрение, „БиоНтек“ и „Фајзер“ планираат да произведат до 100 милиони дози до крајот на 2020 година, и повеќе од 1,3 милијарди дози до крајот на 2021 година.