Gamze Türkoğlu Oğuz
08 Јули 2018•Ажурирај: 09 Јули 2018
АНКАРА (АА) - Во западниот и централниот дел на Јапонија продолжува влијанието на интензивните врнежи од дожд кои предизвикаа поплави и свлечишта во земјата. Овие природни несреќи досега одзедоа 80 животи, јавува Anadolu Agency (AA).
Според веста што ја објави Новинската агенција „Кјодо“, поплавите и свлечиштата одзедоа 80 животи во Јапонија, а повеќе од 40 лица се водат за исчезнати.
Во веста се наведува дека човечки загуби има во подрачјата Хирошима, Ехиме, Окајама, Јама гучи, Кјото, Гифу, Хјого, Кочи и Фукуока.
Издадена е наредба/препорака за евакуација на 5,9 милиони жители од 19 подрачја во Јапонија.
Портпаролот на Владата на Јапонија, Јошихиде Суга, информираше дека во проширените спасувачки операции ангажирани се 54.000 лица од цивилната заштита, крајбрежната стража, полицијата и противпожарните екипи.
Во информацијата се вели дека во Окајама повеќе од 1.000 лица останале заглавени на покривите од зградите, а 17 оператори кои го организираат железничкиот сообраќај, соопштиле дека се откажани 56 дестинации кон подрачјата зафатени од поплавите.
Канцеларијата за справување со пожари и катастрофи, соопшти дека, почнувајќи од неделата, досега во центрите за евакуација се собрале 30.000 лица.
Премиерот на Јапонија, Шинзо Абе, организираше вонреден состанок во Токио поради природната катастрофа што ја зафати земјата.