Ekipa
29 Август 2022•Ажурирај: 30 Август 2022
КАРАЧИ (АА) - Со уште 10 загинати во изминатите 24 часа, вкупниот биланс на загинати во големите поплави предизвикани од обилните монсунски дождови низ Пакистан достигна 1.061, соопшти денес официјален претставник.
Во изјава за Агенција Анадолија (АА), претставникот на Националната управа за управување со катастрофи истакна дека бројот на загинати се искачил на над 1.061, додавајќи дека стотици луѓе сè уште се водат како исчезнати. Тој стравува од дополнителен пораст на бројот на загинати.
Поголемиот дел од загинатите се пријавени во северозападната покраина Хајбер Пахтунхва и јужната покраина Синд, кои се тешко погодени од поплавите, соопшти Националната управа за управување со катастрофи.
Над 1.527 луѓе се повредени во обилните дождови и несреќите поврзани со поплавите, соопштија властите, додавајќи дека се изгубени и над 719.000 грла добиток.
Над 3.451 километар патишта, 149 мостови, 170 продавници и 949.858 куќи се оштетени низ целата земја од 14 јуни.
Спасувачките тимови поддржани од армиските трупи се пробија низ Хајбер Пахтунхва за да спасат стотици блокирани луѓе, додека во јужната провинција Синд се очекуваат нови поплави од реката Инд во следните неколку дена.
Армиските хеликоптери спасија уште 33 туристи заробени во планините на живописната долина Кумрат во Хајбер Пахтунхва, соопшти војската.
Во изјава за медиумите во текот на вчерашниот ден, министерката за климатски промени Шери Реман истакна дека околу 33 милиони Пакистанци се погодени од дождовите и поплавите.