Бројот на жртви во поплавите во Кенија се искачи на 71, силни дождови зафатија повеќе региони
- Властите предупредија дека ситуацијата би можела да се влоши во текот на идните денови бидејќи силните врнежи од дожд ќе продолжат низ делови од земјата
НАЈРОБИ (АА) – Бројот на жртви во поплавите во Кенија се искачи на 71 лице, а поројните дождови и понатаму предизвикуваат ненадејни поплави и опсежно уништување низ неколку делови на земјата, соопшти Министерството за внатрешни работи и јавна администрација во својот денешен извештај, пренесува Анадолу.
Властите соопштија дека бројот на жртви е зголемен со смртните случаи што се пријавени во повеќе региони, а спасувачките екипи продолжуваат со операциите за пребарување и ја проценуваат состојбата предизвикана од катастрофата.
Во соопштението на Министерството се наведува дека повеќето жртви се мажи.
„Возрасни мажи го сочинуваат мнозинството од регистрираните жртви по трагичните поплави што ја зафатија нашата земја“, се наведува во соопштението.
Министерството додаде дека вкупниот број жртви е зголемен по новите смртни случаи регистрирани во неколку области, нагласувајќи дека „вкупниот број сега изнесува 71“.
Официјалните претставници соопштија дека повеќе области се погодени од поплави, при што се оштетени домови, патишта и клучна инфраструктура, а илјадници жители се принудени да ги напуштат низинските и критичните подрачја подложни на поплави.
Тимовите за итни интервенции од повеќе владини агенции и понатаму се распоредени низ целата земја за да им помогнат на погодените заедници, да ги координираат евакуациите и да достават хуманитарна помош.
Властите предупредија дека ситуацијата би можела да се влоши во текот на идните денови бидејќи, според прогнозата на Метеоролошкиот оддел на Кенија, силните врнежи од дожд ќе продолжат низ делови од земјата.
Министерството ги повика луѓето што живеат покрај речните корита и во подрачјата подложни на поплави да се преминат на побезбедни места и да ги следат официјалните безбедносни препораки, а Владата ги засилува напорите за мониторинг и одговор.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.
