Најмалку 400 загинати во пакистански воздушен напад врз центар за рехабилитација во Кабул
- Исламабад негира дека извршил напади врз цивили, тврдејќи дека цел биле „воени инсталации и терористичка инфраструктура“
ИСТАНБУЛ (АА) - Најмалку 400 луѓе загинаа синоќа во воздушен напад извршен од Пакистан врз објект за рехабилитација од зависности од дрога во главниот град на Авганистан, соопшти денес авганистански официјален претставник, јавува Анадолу.
Пакистанската Армија „изврши воздушен напад приближно во 21:00 часот по локално време врз болницата за лекување зависности 'Омид', објект со 2.000 кревети посветен на лекување на зависности од дрога“, објави заменик-портпаролот на авганистанската Влада, Хамдула Фитрат, на американската компанија за социјални медиуми Х.
Тој рече дека како резултат на нападот, уништени се големи делови од болницата и дека „постои сериозна загриженост за висок број жртви“.
Пријавени се и околу 250 повредени, а спасувачките тимови моментално се на терен.
Министерството за информации на Пакистан ги отфрли обвинувањата на Кабул во врска со нападот и соопшти дека Исламабад „прецизно целел воени инсталации и терористичка инфраструктура, вклучувајќи складишта за техничка опрема и муниција на авганистанските талибанци и групата 'Фитна ал-Кавариџ' во Кабул и провинцијата Нангархар“.
Од Министерството додадоа дека последователните детонации на складираната муниција целосно ги отфрлаат „лажните тврдења“ за цивилна цел.
Портпаролот на авганистанската Влада, Забихула Муџахид, го осуди нападот нарекувајќи го „чин спротивен на сите прифатени принципи и злосторство против човештвото“.
Односите меѓу Авганистан и Пакистан се влошија по ескалацијата на граничните тензии минатиот месец.
Од крајот на февруари, во прекуграничните судири загинаа 107 лица на двете страни.
Според Кабул, во Авганистан досега се убиени 13 војници и 76 цивили, бројка во која не се вклучени најновите жртви од вчерашниот напад. Податоците на ОН покажуваат дека во период меѓу 26 февруари и 5 март во Авганистан се пријавени 185 цивилни жртви, вклучувајќи 56 смртни случаи од воздушни напади.
