Dildar Baykan
06 Септември 2017•Ажурирај: 07 Септември 2017
АНКАРА (АА) - Во соопштението издадено од Канцеларијата на високиот комесаријат за бегалци на Обединетите нации (УНХЦР) се вели дека бројот на араканските муслимани кои избегале од акциите на армијата на Мјанмар и на будистичките националисти во Бангладеш се искачи на 146.000 лица, пренесува Anadolu Agency (AA).
Постојаниот координатор на ОН во Бангладеш, Роберт Ваткинс, во изјава за новинската агенција „ЕФЕ“ истакна дека во последните 24 часа, 23.000 аракански муслимани пристигнале во Бангладеш.
Ваткинс вели дека со тоа, бројот на араканските муслимани кои пребегнале во Бангладеш, од 25 август, денот кога започнаа акциите на армијата на Мјанмар и на будистичките националисти, се искачи на 146.000 лица.
Од 25 август, голем број аракански муслимани загинаа во нападите на мјанмарската војска, којашто продолжува со насилствата во Аракан под изговор дека се води борба против вооружени милитанти. Над 60 села беа цел на овие напади, а десетици од нив се запалени.
Десетици илјади аракански муслимани се обидуваат да преминат од Аракан во Бангладеш, преку копно и вода, со цел да избегаат од нападите. Обединетите нации (ОН) соопштуваат дека досега, над 123.000 аракански муслимани пристигнале во Бангладеш, а десетици илјади чекаат во пограничните зони.
Не може да се утврди точниот број на убиените поради тоа што мјанмарската Влада не им дозволува на меѓународните организации да влезат во регионот. Граѓанските здруженија во Аракан соопштуваат дека бројот на загинатите е над илјада, а постојат и тврдења дека се убиени илјадници лица.
Мјанмарската администрација не дозволува да им се достави хуманитарна помош на араканските муслимани кои останаа без домови.