Gökhan Kurtaran
29 Септември 2021•Ажурирај: 30 Септември 2021
ЛОНДОН (АА) - Кваси Квартенг, министерот за бизнис, енергетика и индустриска стратегија на Велика Британија, истакна дека за неколку дена британските војници ќе започнат да работат како возачи, со цел да го надминат тековниот проблем со снабдувањето со гориво поради недоволниот број возачи на тешки товарни возила во земјата, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во изјавата за британскиот јавен сервис „Би-би-си“ (BBC), Квартенг, наведувајќи дека е тешко во последните денови да се гледа како луѓето во некои делови на земјата чекаат пред бензинските пумпи, рече дека ситуацијата почнала да се подобрува и дека нема криза.
Запрашан за тоа кога британските војници ќе започнат да работат како возачи на цистерна за да го решат проблемот со снабдувањето со гориво, Квартенг рече: „Мислам дека луѓето во следните неколку дена ќе гледаат како војници ги возат танкерите за гориво.“
Во Велика Британија, проблемите со снабдувањето поради недостигот на камиони и возачи на камиони за кратко време предизвикаа полиците во супермаркетите да останат празни, како и затворање на бензинските пумпи.
Се наведува дека сегашниот број на возачи на транспортни возила во земјата е за 100.000 помал од потребниот број.
Во Велика Британија, Владата на почетокот на оваа недела соопшти дека ограничен број возачи на цистерни од Војската ќе бидат во состојба на готовност за да бидат распоредени кога ќе има потреба со цел да се реши проблемот со снабдувањето со гориво.