Bilal Acar
29 Септември 2021•Ажурирај: 30 Септември 2021
ЛОНДОН (АА) - Во Лондон, главниот град на Велика Британија, се одржаа протести против порастот на убиства на жени и полициското насилство врз жените, јавува Агенција Анадолија (АА).
Членовите на групата „Систерс анкат“ се собраа пред судската зграда каде што се води случајот за полицаецот Вејн Кузенс, за кого има сомнение дека ја убил 33-годишната Сара Еверард, чие мртво тело е пронајдено неколку дена откако исчезна на пат кон дома.
Членовите на групата, носејќи транспаренти со натписи „Нема да молчиме, не за поголема моќ на полицијата“ и „Полиција со крвави раце“, привлекоа внимание на фактот дека во земјата улиците не се безбедни за жените, зголемени се убиствата на жени и има полициско насилство врз жените.
Авија Деј, член на групата „Систерс анкат“, во изјава за дописникот на АА рече дека многу полициски насилства врз жените се пријавени од денот кога Вејн Кузенс, припадникот на лондонската полиција ја уби Еверард, но дека тие пријави не се истражени од страна на властите.
Деј истакна дека имало многу дојави за Кузенс пред убиството на Еверард, но полицијата не спровела истрага и голем број прашања ги ставила „под тепих“.
- Убиство за кое имаше многу реакции -
Сара Еверард исчезна вечерта на 3 март, откако ја напушти куќата на нејзината пријателка и се движеше кон сопствениот дом. Мртвото тело на Еверард е пронајдено на 10 март во Кент, во близина на Лондон.
Полицаецот Вејн Кузенс, вмешан во киднапирањето и убиството, беше уапсен на 13 март.
Полицаецот Кузенс на сослушувањето во Централниот кривичен суд „Олд Бејли“ ја презеде одговорноста за обвиненијата за киднапирање, силување и за смртта на Еверард.
- „Во земјата на секои три дена се убива една жена“ -
Од друга страна, на 18 септември, во главниот град Лондон, Сабина Неса, наставничка во основно училиште, беше пронајдена мртва во паркот во близина на нејзиниот дом. Убиството во Неса повторно ја отвори дебатата за тоа колку се безбедни улиците во земјата.
Апсана Бегум, муслиманска пратеничка од опозициската Лабуристичка партија, преку својот профил на Твитер порача дека убиствата на жени не можат да се гледаат како индивидуални настани и дека во земјата на секои три дена се убива една жена.
Групата „Уоман еид“, која се залага за правата на жените, истакна: „Ако улиците се безбедни, зошто Сабина не можеше да се врати дома. Уште колку жени треба да загубиме пред полицијата и Владата да ја разберат реалноста дека улиците не се безбедни?“