Hajer M'tırı
17 Август 2017•Ажурирај: 18 Август 2017
ПАРИЗ (АА) - Брижит Макрон, сопругата на францускиот лидер Емануел Макрон, изјави дека повелбата за транспарентност во однос на нејзината улога ќе биде објавена во текот на наредните денови, јавува Anadolu Agency (AA).
За време на неговата изборна кампања на почетокот од оваа година, Емануел Макрон ги изрази своите намери за институционализирање на улогата на сопругата на претседателот, но петиција против статусот собраа повеќе од 300.000 потписи за три недели.
Сепак, во интервјуто објавено во француското списание „Elle“ (Ел) оваа недела, Брижит Макрон изјави: „Не се чувствувам како прва дама. Тоа е превод на американски израз, перифраза во којашто ништо не ме задоволува“.
„Не се чувствувам ни како прва ниту како последна дама. Јас сум Брижит Макрон“.
Предложената повелба би ја разјаснила двосмисленоста која постои околу улогата на првата дама на Франција од почетокот на Петтата република. Ниту еден текст никогаш не ги специфицирал правата или обврските на таквата позиција.
„Она што е важно е дека сѐ е многу јасно“, изјави Макрон, зборувајќи во своето прво интервју откако нејзиниот сопруг беше избран за претседател на 7 мај.
„Како и сите оние што ми претходеа, јас ќе ја преземам мојата јавна улога, но Французите ќе знаат кои средства ми се на располагање“, додаде таа.
Макрон инсистираше дека нема да зема плата и оти нејзиниот официјален дневен ред и распоред ќе бидат поставени на официјалната веб-страница на Елисејската палата, така што Французите ќе знаат точно што прави.
Елисејската палата веќе го отфрли создавањето на официјална, институционална улога за партнерот на францускиот претседател.
„Нема промени во уставот, нема ново финансирање, ниту плата за Брижит Макрон“, изјави портпаролот на Владата, Кристоф Кастанер, на социјалната мрежа „Twiter“ (Твитер), на 7 август, кога започнаа контроверзиите.