Ekipa
17 Август 2017•Ажурирај: 18 Август 2017
СЕУЛ (АА) - На Корејскиот Полуостров никогаш повеќе нема да има војна, изјави претседателот на Јужна Кореја, Мун Џае-ин, пренесува Anadolu Agency (AA).
Претседателот на Јужна Кореја на прес-конференција по повод одбележувањето на првите сто дена од претседателскиот мандат остана на ставот дека нуклеарната закана на Северна Кореја мора да се реши по мирен пат.
Меѓутоа, САД како битен сојузник на Сеул ја зајакнаа воената реторика насочена кон Северна Кореја откога Доналд Трамп стана претседател, a пак Северна Кореја истовремено ја зајакна својата програма за ракетни тестирања.
По неодамнешните закани на американскиот претседател дека Северна Кореја ќе се соочи со оган и бес каков што светот не видел доколку продолжи да им се заканува на САД, Мун изјави дека верува оти Трамп со таквата изјава сакал само да изврши притисок.
„Не верувам дека со тоа ја покажа својата одлучност да избере воена опција“, изјави претседателот на Јужна Кореја, инсистирајќи дека САД не можат да започнат војна на Корејскиот Полуостров без согласност на Сеул.
Мун ги спомена и новите санкции на ОН кон Северна Кореја, откако минатиот месец таа земја лансираше две интерконтинентални балистички ракети.
„Доколку Северна Кореја продолжи со провокациите, ќе се соочи со зајакнати санкции, кои не ќе може да ги издржи“, предупреди Мун.
Официјален Пјонгјанг ја одби соработката и дијалогот што ги понуди Мун, оценувајќи го таквиот чин како неискрен.