Muhammed Emin Canik
06 Ноември 2021•Ажурирај: 07 Ноември 2021
БУЕНОС АИРЕС
Познатата 26-годишна бразилска пејачка Марилија Мендонса загина при пад на малиот авион со кој патувала, известува Агенција Анадолија (АА).
Противпожарната служба на Минас Жераис на својот профил на социјалната мрежа Твитер потврди дека пејачката Мендонса, номинирана за наградата „Латино Греми“, загинала откако авионот со кој патувала се урнал во руралните предели на областа Пиедаде де Каратинга на државата Минас Жераис, во југоисточниот дел на земјата.
Покрај Мендонса, во несреќата животот го загубија и продуцентот Енрике Рибеиро, нејзиниот чичко и консултант Абисиели Силвеира Дијас Фиљо, како и пилотот и копилотот на авионот.
Се дознава дека познатата пејачка летала од Гојанија кон Каратинга, во државата Минас Жераис, за да учествува во една програма.
Не е утврдена причината за несреќата на двомоторниот авион „Beech Aircraft King Air C90A“, што се користи како авионско такси со капацитет од 6 лица, а ѝ припаѓа на компанијата „PEC Taxi Aereo“ што ја превезувала Мендонса и нејзините придружници.
Центарот за истражување и превенција на воздухопловни несреќи (Cenipa) на бразилските Воздухопловни сили објави дека ќе се поведе истрага за несреќата во која загина Мендонса.
Мендонса, која е доста позната во Бразил и пее песни од стилот „сертанежо“, родена е на 22 јуни 1995 година. Мендонса беше меѓу најслушаните пејачи во Бразил, а има син кој следниот месец ќе наполни две години.
Со својот албум „Patroas“, Мендонса беше номинирана за наградата „Латино Греми“, што требаше да ѝ биде доделена во Лас Вегас на 18 ноември, во категоријата „Најдобар албум во стилот на сертанежо“.
- „Се чувствуваме како да изгубивме некој многу близок“
Претседателот на Бразил, Жаир Болсонаро, по несреќата изјави: „Целата земја е во шок од веста за смртта на младата пејачка на сертанежо, Марилија Мендонса, една од најголемите уметници на нејзината генерација, која ја освои љубовта и восхитот на сите со својот уникатен глас, харизма и музика. Бидејќи Марилија секогаш беше дел од нашите животи со нејзините песни, се чувствуваме како да изгубивме некој многу близок.“
И познатиот бразилски фудбалер Нејмар на својот профил на Твитер, изразувајќи ја сvојата својата тага напиша: „Одбивам да верувам.“