Michael Gabriel Hernandez
06 Ноември 2021•Ажурирај: 07 Ноември 2021
ВАШИНГТОН
Советот за безбедност на Обединетите нации (ВСУН) во петокот ги повика на примирје сите завојувани страни во Етиопија, јавува Агенција Анадолија (АА).
Советот посебно предупреди на последиците од судирот за стабилноста на Етиопија и источна Африка, повикувајќи ги сите страни да се воздржат од „говор на омраза и поттикнување на насилство и поделби“.
„Покрај трајното прекинување на огнот, преговорите треба да се занимаваат и со создавање услови за почеток на инклузивен етиопски национален дијалог за решавање на кризата и создавање темел за мир и стабилност во целата земја“, се наведува во соопштението на Советот.
Членовите на Советот за безбедност повикаа на почитување на меѓународното хуманитарно право, сигурен и непречен пристап на хуманитарната помош и повторно воспоставување на јавните служби.
Членовите на Советот на безбедност ја потврдија својата силна определеност за суверенитетот, политичката независност, територијалниот интегритет и единство на Етиопија.
Парламентот на Етиопија со 547 пратенички места се состана во четвртокот и едногласно ја поддржа шестмесечната вонредна состојба во целата земја.
„Сите страни вклучени во судирот во Тиграј извршиле некои дела што можат да претставуваат воени злосторства и злосторства против човештвото“, е резултатот на истрагата на Одделот за човекови права на Обединетите нации и Етиопската комисија за човекови права.
Во извештајот, направен на почетокот на неделата, се повикува на итно прекинување на непријателството и какви било мерки кои би можеле да ја влошат веќе присутната хуманитарна криза.
Заедничкиот истражен тим (ЈИТ) на ОН и ЕХРЦ посети неколку подрачја во Тиграј и други делови на Етиопија за да го примени извештајот што го покрива периодот од ноември 2020 година до јуни оваа година.
Според извештајот, во судирот се вклучени Етиопските национални одбранбени сили (ЕНДФ), Еритрејските одбранбени сили (ЕДФ), Специјалните сили на Амхара (АСФ), Амхара Фано и други милиции на една страна, и Специјалните сили на Тиграј (ТСФ), тиграјската милиција и други сојузнички групи од друга страна.
Во истрагата се појаснува низата кршење и злоупотребување, вклучително и противправни убиства и вонсудски погубувања, мачење, сексуално и родово засновано насилство, кршење на правата на бегалците и присилно раселување на цивилите.
„Постојат разумни причини за верување дека сите страни во судирот или директно ги нападнале цивилите и цивилните објекти или извршиле неселективни напади, кои резултираа со цивилни жртви и уништување или оштетување на цивилните објекти“, се истакнува во извештајот на ЈИТ.
Истражниот тим наведе дека пронашол докази за незаконски и вонсудски убиства и погубувања, мачење и широко распространети притворања, киднапирања и исчезнувања од двете страни.
Се додава дека во текот на судирот распространето е сексуално и родово насилство.