Ömer Koparan,Adham Kako
16 Ноември 2019•Ажурирај: 17 Ноември 2019
АЛ БАБ / АНКАРА
Терористичката организација ЈПГ/ПКК стои зад денешниот напад во северниот дел на Сирија во кој загинаа најмалку 18 цивили, а 27 беа повредени, соопшти турското Министерство за одбрана, пренесува Агенција Анадолија (АА).
„Терористите на ЈПГ/ПКК продолжуваат да напаѓаат невини цивили со користење на истите методи како ДЕАШ“, истакнува Министерството на Твитер, со видео од последиците од бомбардирањето.
Според извори од теренот, нападите се извршени со две возила натоварени со експлозив на Автобуската станица во подрачјето на Ал Баб, област што турските сили ја расчистија од терористите во 2016 година.
При експлозијата опожарени се голем број возила и уништени се околните објекти.
Ал Баб беше расчистен од терористите на ЈПГ/ПКК во 2016 година со турската воена операција „Штитот на Еуфрат“.
Од 2016 година, Турција спроведе три големи воени операции во северна Сирија, „Штитот на Еуфрат, „Маслинова гранка“ и операцијата „Извор на мирот“, со цел расчистување на регионот од терористичките групи.
Турција на 9 октомври ја започна операцијата „Извор на мирот“ за елиминирање на терористите од северна Сирија, со цел обезбедување на турската граница и безбедно враќање на сириските бегалци, како и осигурување на сирискиот територијален интегритет.
Анкара сака терористите на ЈПГ/ПКК да се повлечат од регионот за да се формира безбедносна зона со цел безбедно враќање на околу 2 милиони бегалци.
Анкара и Москва постигнаа договор според кој терористите на ЈПГ/ПКК ќе се повлечат 30 километри јужно од турската граница со Сирија, а безбедносните сили на Турција и Русија ќе вршат заеднички патроли во тоа подрачје.
Во својата над 30-годишна терористичка кампања против Турција, ПКК, која се наоѓа на листата терористички организации во Турција, Соединетите Американски Држави (САД) и Европската Унија (ЕУ), одговорна е за смртта на околу 40.000 луѓе, меѓу кои и деца и жени. ЈПГ е сириски огранок на ПКК.