Fatih Hafız Mehmet
16 Ноември 2019•Ажурирај: 17 Ноември 2019
АНКАРА
- Фатих ХАФИЗ МЕХМЕТ
Франција утре ќе ја одбележи првата годишнина од почетокот на протестите што започнаа како глас на побуна против најавеното поскапување на цената на горивата, и брзо прераснаа во масовни и немирни антивладини протести познати под називот „Жолти елеци“, пишува Агенција Анадолија (АА).
Протестите започнаа на 17 ноември 2018 година, а на првиот ден од движењето се одзва голем дел од француското население, според официјалните податоци, околу 300.000 луѓе.

Движењето поттикна и протести со жолти елеци и во други држави во светот.
Претставниците на движењето во мај учествуваа и на изборите во Европскиот парламент, но со мал успех, освојувајќи само околу 0,54 отсто од гласовите.
- Недостатоци на движењето „Жолти елеци“
Во текот на неколкумесечните протести, француското движење „Жолти елеци“ доби на интензитет и успеа да издејствува исполнување на некои свои барања од Владата - особено за откажувањето на зголемувањето на данокот на горивата, првичниот поттик за демонстрациите - но долгорочно, според аналитичарите, движењето се соочи со голем број проблеми.
Полјана Руиз, експерт за медиуми од британскиот Универзитет „Сасекс“, за АА изјави дека движењето „Жолти елеци“ не се прошири подалеку од својата основна група, бидејќи неговите демонстрации биле формирани со многу специфична динамика.
Руиз рече дека пречка за ширењето на ова движење биле недостигот на лидерство и различните идеологии.
Таа истакна дека движењето ги зближило левицата и десницата, но дека не успеало вистински да ги обедини во каузата.
„Нивната способност да комуницираат надвор од спецификите на овој конкретен данок за гориво е ограничена, наместо да биде проширена“, додаде Руиз.
Претходно овој месец, околу 600 „жолти елеци“ од цела Франција се состанаа во јужниот град Монпелје за да разговараат за иднината на движењето и плановите за првата годишнина.
Иако нивниот интензитет се намали, „жолтите елеци“ оставија трага во историјата, а особено врз францускиот претседател Емануал Макрон, кој беше остро критикуван од демонстрантите и беше ставен под притисок да даде оставка.
Според француските власти, во протестите на „Жолтите елеци“ животот го загубиле 11 лица, а над 4.000 луѓе беа повредени, меѓу кои и демонстранти и припадници на полициските сили.
Активистите наведуваат дека гоелм број демонстранти се здобиле со различни повреди, од кои 24 изгубиле око, а петмина рака.
Од почетокот на протестите на „Жолтите елеци“ приведени се околу 8.400 лица, а околу 2.000 беа задржани во притвор.