Ahmet Dursun
16 Ноември 2019•Ажурирај: 18 Ноември 2019
АНКАРА (АА) - На протестите во Сирџан, Иран, организирани поради поскапувањето на цената на горивата, настрада едно лице, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Мухамад Махмуд Абади, гувернер на Сирџан, за новинската агенција ИСНА (ISNA) изјави дека синоќа протестите започнале мирно, но дека групата се обидела да предизвика немири и уништила една бензинска пумпа.
Абади истакна дека демонстрантите се обиделе да дојдат до најважните складишта за гориво и да ги запалат, но дека во намерата биле запрени од безбедносните сили.
„За жал, во текот на овие случувања загина едно лице, а неколкумина се повредени“, додаде Абади.
Со анализа ќе се утврди причината за смртта, а се истражува и на кој начин се нанесени повредите на повредените.
„Никој од припадниците на безбедносните сили не добил наредба директно да пука, но добија да пукаат во воздух за да ги заштитат магацините со гориво. Тоа и го направија“, објасни Абади.
Тој додаде дека по интервенцијата на безбедносните сили воспоставена е безбедноста во градот, а граѓаните ги повика да избегнуваат учество на недозволени демонстрации.
Претходно, Иранската нафтена компанија соопшти дека Владата на Иран и понатаму ќе дава субвенции месечно по 60 литри бензин по возило, но дека цената на литар гориво се покачила од 1.000 на 1.500 ријали (од 0,09 на 0,13 долари).
Секој литар над месечната субвенционирана квота од 60 литри Иранците ќе го плаќаат по 3.000 ријали (0,26 долари).
Најмасовни протести веќе неколку дена се одржуваат во градовите Ахваз, Хоремшехр, Бирџанд, Машхад, Гачсаран, Сирџан, Бандар Абас, Исфахан и Шираз.