Islam Doğru
12 Јануари 2020•Ажурирај: 13 Јануари 2020
ЊУЈОРК (АА) - Американскиот претседател, Доналд Трамп, ги поддржа демонстрантите кои ја претворија во протести меморијалната програма за соборениот украински авион во Иран, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Моето раководство ќе продолжи да биде со вас“, напиша Трамп на својот твитер-профил и се обрати до демонстрантите: „До храбрите луѓе и до луѓето што страдаат во Иран: Од почетокот на моето претседателство јас бев со вас и мојата администрација ќе продолжи да биде до вас. Ние внимателно ги следиме вашите протести и се инспирираме од вашата храброст.“
- „Светот ве гледа“
Во својата втора порака на Твитер, американскиот претседател Трамп, истакнувајќи дека иранската Влада треба да им дозволи на групите за човекови права да протестираат, рече: „Иранската Влада треба да им овозможи на групите за човекови права да ги следат и да ги известуваат фактите за тековните протести на иранскиот народ.“
Истакнувајќи дека не треба да се случи некој настан каде што „мирните демонстрации ќе бидат масакрирани“ и дека не треба да се прекине интернетот, Трамп рече: „Светот ве следи.“
Трамп подоцна ја сподели персиската верзија од двете пораки.
Собирот за оддавање почест на жртвите од соборениот украински авион, кој беше урнат од страна на Иран, што се одржа вчера во Универзитетот „Емир Кебир“ во главниот град, се претвори во протест на кој се извикуваа антирежимски слогани.
Толпата ги извикуваше следните слогани: „Револуционерна гардо, засрами се, остави ја земјата на мир“, „Смрт за диктаторот“, „Лажговци, поднесете оставка“, „Врховниот командант на вооружените сили (Хаменеи) да поднесе оставка“.
Иранските полицајци за специјални операции интервенираа врз разгневената толпа и ги затворија патиштата што водат кон демонстрациите и не им дозволуваа на граѓаните да стигнат до таму.