Sarp Özer
15 Ноември 2017•Ажурирај: 15 Ноември 2017
АНКАРА (АА) - Терористите на ПКК/ПЈД со поддршка на американските сили во август минатата година го окупираа сирискиот град Мунбич на западниот брег на реката Еуфрат, а локалните извори јавуваат дека жителите на овој град преживуваат тешки денови на тортура и сите форми на насилство, јавува Anadolu Agency (AA).
Терористите на ПЈД, односно сирискиот огранок на терористичката организација ПКК, поставија бројни контролни пунктови во градот и присилно од семејствата ги одделуваат момчињата на возраст од 13 и 14 години и ги носат на наводно служење на воен рок. Овие момчиња најчесто завршуваат вооружени на првите линии на боиштата.
Локалните жители во низа наврати протестираа за насилството коешто терористите на ПКК/ПЈД го спроведуваат врз нив, но протестите се насилно потиснати. Многу демонстранти се притворени, а за повеќето од нив не се знае каде се.
Дел од локалните трговци и занаетчии ги затворија продавниците, а терористите не им дозволуваат на меѓународните организации да достават хуманитарна помош во градот.
Соседните градови кои се ослободени од ДЕАШ за време на операцијата „Штитот на Еуфрат“, и кои се под контрола на Ослободителната војска на Сирија редовно добиваа хуманитарна помош, што не е случај со жителите во Мунбич. За разлика од Џарабулус и Ал Баб, во Мунбич никој од Сиријците, кои претходно избегаа од нападите на ДЕАШ, не се враќа.
Паралелно со тоа, западните сили претходно ветија дека терористичката организација ПКК/ПЈД ќе биде повлечена од западниот брег на реката Еуфрат, но во случајот со Мунбич ова ветување не го исполнија.
Професорот на Универзитетот „Хасан Калјонџу“ и експерт за безбедносни прашања, Мурат Аслан, за АА рече дека терористите на ПКК/ПЈД под превезот на наводната борба против ДЕАШ ја придобија поддршката на Западот, но дека нивната главна цел е да ги окупираат нафтените полиња и дел од територијата на Сирија.
Истакнувајќи дека случајот со градот Мунбич беше првиот чекор на ПКК/ПЈД кон реализацијата на овој план, Аслан истакна дека терористите на ПЈД без никаков отпор ја презедоа контролата врз Мунбич од терористите на ДЕАШ и потоа протераа речиси 15.000 Туркмени и сунитски Арапи од тоа подрачје.
„Терористите во Мунбич запалија две згради во којшто се наоѓаа списоци на населението, геодетски и сите други документи кои се доказ за демографската слика на тој град. Формирана е таканаречена цивилна управа која е нелегална и нелегитимна творба и која спроведува систематски притисоци врз населението“, рече Аслан.
Укажувајќи на присилното носење на малолетни момчиња на боиштата, Аслан истакна дека терористите на ПКК/ПЈД над населението спроведуваат стратегија на таканаречено контролирано насилство во кое непозната е судбината на многу Туркмени и Арапи, кои терористите ги сметаат за потенцијални противници на нивната окупација.
„Паралелно со овие случувања, САД не ги исполни ветувањето и гаранциите дадени во врска со повлекувањето на ПКК/ПЈД од Мунбич. Спротивно на тоа, начинот на кој се однесуваат терористите е доказ дека тие планираат да останат таму долго време. САД мора да ја анализираат ситуацијата и врз основа на последиците од присуството на ПКК/ПЈД во Мунбич да ја преиспитаат својата политика во Сирија“, заклучи Аслан.