Behlül Çetinkaya
29 Јануари 2019•Ажурирај: 29 Јануари 2019
ИСЛАМАБАД (АА) - Во пакистанската покраина Белуџистан извршен е бомбашки напад врз полициска станица. Во нападот животот го загубија двајца полицајци, а 19-мина се ранети, од кои 6-мина цивили, јавува Anadolu Agency (AA).
Шефот на полицијата на покраината Белуџистан, Мухсин Хасан Бут, за локалните медиуми изјави дека нападот во градот Лоралаи е извршен додека се спроведувало тестирање и интервју на новите полициски кандидати.
Бут истакна дека по отворениот оган се слушнала експлозија, додавајќи дека на местото на настанот се убиени 2 лица.
Директорот на градската болница „Лоралаи“, Фахим Какар, изјави дека во нападот животот го загубиле двајца полициски службеници, а дека ранети се 19 лица, од кои 6 цивили.
Какар истакна дека меѓу ранетите 4 лица се наоѓаат во тешка состојба, додавајќи дека нивното лекување е продолжено во Воената болница.
Во подрачјето е поставен полициски кордон, а станицата е испразнета.
Во истото подрачје на 1 јануари беше извршен вооружен напад, во кој напаѓачите се обидоа да влезат во комплексот во кој се наоѓаат конаците на граничните полициски сили и центарот за обука. Во нападот еден од напаѓачите го активирал експлозивот што го носел на себе. Во експлозијата животот го загубија 4 припадници на безбедносните сили, а во операцијата што следуваше неутрализирани се четворица терористи.