Ahmed Asmar
11 Јануари 2025•Ажурирај: 12 Јануари 2025
АНКАРА (АА) - Најмалку уште 32 Палестинци се убиени во немилосрдните израелски напади во Појасот Газа, со што билансот од октомври 2023 година достигна 46.537, соопшти денес Министерството за здравство во енклавата, јавува Анадолу.
Министерството истакна дека во нападите досега повредени се најмалку 109.571 Палестинец.
„Израелските сили убија 32 лица, повредија 193 во пет масакри на семејства во последните 48 часа“, соопшти Министерството.
„Многу луѓе сè уште се заробени под урнатините и на патиштата бидејќи спасувачите не можат да дојдат до нив“, се додава.
Министерството за здравство истакна дека во денешните бројки додадени се и 499 Палестинци, чии имиња се документирани и потврдени од релевантниот Комитет на Министерството, со кои вкупниот број достигна 46.537.
Израелската армија ја продолжува геноцидната војна врз Газа и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации која повикува на итен прекин на огнот.
Меѓународниот кривичен суд во ноември издаде налози за апсење за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.