Ikrame Imane Kouachi
11 Јануари 2025•Ажурирај: 11 Јануари 2025
Висок здравствен претставник во Појасот Газа соопшти дека Министерството за здравство документирало 4.500 ампутации, и на горните и долните екстремитети, од почетокот на израелската геноцидна војна во енклавата, јавува Анадолу.
„Регистриравме 4.500 случаи на ампутации до крајот на 2024 година, како резултат на континуираните израелски воздушни и копнени напади врз Газа“, рече Захер ал-Вахиди, шеф на Одделението за информации од здравството во Министерството.
Истакна дека околу 800 од ампутираните се деца, кои сочинуваат 18 отсто од случаите, додека 540 се жени, односно 12 отсто од ампутациите.
Ал Вахиди истакна дека бројките ги откриваат огромните размери на хуманитарната катастрофа со која се соочува цивилното население, особено најранливите групи, децата и жените.
Тој додаде дека бројот на ампутации најверојатно ќе продолжи да расте како што продолжува геноцидната војна, што го влошува и онака огромниот товар врз здравствениот систем кој се бори со критичен недостиг на медицински материјали поради блокадата што трае повеќе од 18 години.
Од почетокот на израелската војна на 7 октомври 2023 година, израелската армија вршеше напади врз здравствени установи, бомбардираше болници и принудуваше евакуации блокирајќи ги основните медицински материјали, особено на северот на Газа, кој е под силни напади од 5 октомври.
Ал Вахиди итно повика на меѓународна поддршка поради влошената ситуација, барајќи итна акција за запирање на израелските прекршувања и заштита на цивилното население.
Како одговор на зголемениот број на ампутации кај децата, Лиза Датон, од Канцеларијата на Обединетите нации за координација на хуманитарни прашања (OCHA), во октомври рече дека Газа станала „место на најголемиот број извршени ампутации на деца во поновата историја.”
Израелската армија ја продолжува геноцидната војна врз Газа во која убиени се над 46.000 Палестинци, главно жени и деца, и покрај резолуцијата на Советот за безбедност на Обединетите нации која повикува на итен прекин на огнот.
Меѓународниот кривичен суд во ноември издаде налози за апсење за израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху и неговиот поранешен министер за одбрана Јоав Галант за воени злосторства и злосторства против човештвото во Газа.
Израел се соочува и со случај за геноцид пред Меѓународниот суд на правдата за неговите постапки во енклавата.