Билансот на загинати во земјотресот во источен Авганистан порасна на 1.124
Најмалку 3.251 лице се повредени во земјотресот кој уништи над 8.000 куќи

ИСЛАМАБАД (АА) - Бројот на загинати во катастрофалниот земјотрес што го погоди источен Авганистан во неделата навечер се искачи на 1.124, соопшти денес Авганистанската црвена полумесечина, пренесува Анадолу.
Најмалку 3.251 лице се повредени во земјотресот кој уништи над 8.000 куќи, соопшти хуманитарната организација преку американската компанија за социјални медиуми X.
Ова е трет голем земјотрес што ја погоди земјата разурната од војна по враќањето на авганистанските талибанци на власт во август 2021 година.
Американскиот геолошки завод (USGS) го регистрира земјотресот во 23:47 часот по локално време, со епицентар на 27 километри источно-североисточно од Џалалабад на длабочина од 8 километри во неделата навечер, кога повеќето жители спиеле.
Кунар е најтешко погодената покраина, каде што разорниот земјотрес уништи неколку села.
Портпаролот на привремената авганистанска администрација во покраината Кунар, Абдул Гани, за Анадолу изјави дека спасувачките екипи веќе пристигнале во погодените области, а операцијата продолжува и денес.
„Бројот на жртви може да се зголеми бидејќи многу луѓе сѐ уште се под урнатините“, рече тој.
Додаде дека десетици куќи се уништени во областите Нур Гал, Савки, Ватпур, Маноги и Чапа Дара во покраината.
Авганистанската привремена администрација денес испрати хуманитарна помош и медицински екипи во областа, а Гани изјави дека поголеми количини помош се на пат од Кабул.
Неколку земји, меѓу кои соседните Пакистан, Иран, Кина и Индија, како и западните земји, ветија дека ќе испратат помош во Авганистан.
На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.