Ekipa
12 Септември 2017•Ажурирај: 12 Септември 2017
БРИСЕЛ (АА) - Градоначалникот на белгискиот град Мускрон, Алфред Гаден (71), синоќа беше пронајден мртов на градските гробишта, со пресечен врат, а за бруталното убиство што ја шокираше јавноста осомничено е 18-годишно момче, пренесува Anadolu Agency (AA).
Белгиското државно радио „RTBF“ јавува дека градоначалникот на индустрискиот град со околу 57.000 жители бил пронајден на гробиштата, во близина на својата куќа.
„RTBF“ јавува дека 18-годишното момче наводно дејствувало од лични причини.
Белгиските медиуми наведуваат дека Гаден бил омилен меѓу граѓаните и оти секое утро и секоја ноќ лично ги отклучувал и ги заклучувал градските гробишта.
Голем број белгиски официјални лица го осудија убиството на Гаден и изразија сочувство на семејството и пријателите на убиениот градоначалник.