Mehmet Akif Parlak
12 Септември 2016•Ажурирај: 13 Септември 2016
ГАЗИАНТЕП/АЛЕПО (АА) - Жителите на сирискиот град Џарабулус, кој е првиот град ослободен од терористичката организација ДАЕШ во рамките на операцијата „Штитот на Еуфрат“, го дочекаа Курбан Бајрам во радост, јавува Anadolu Agency (AA).
Жителите на еден мал град, откако тој беше ослободен од терористите и контрола над него презеде Ослободителната армија на Сирија, се вратија во своите домови и почувствуваа вистинска бајрамска радост за првпат по 2,5 години.
Повеќето жители на Џарабулус ја клањаа бајрамската молитва во џамијата Абул Хасан, една од најголемите во градот.
Имамот на џамијата Абул Хумем во бајрамската беседа истакна дека Џарабулус сега е слободен град, и повика на единство и братство. Тој изрази задоволство од големиот број млади луѓе на бајрамската молитва.
По бајрамските молитви, граѓаните на Џарабулус си го честитаа празникот еден на друг. Имамот на џамијата, Хумем, во разговор за АА рече дека денес е историски ден за градот Џарабулус, и додаде дека радоста за заминувањето на ДАЕШ се чувствува не само во градот, туку и во околните села.
„Терористите на ДАЕШ нашите жители ги вратија векови назад. Ги забранија мобилните телефони и компјутерите“, рече имамот Хумем, а во оваа пригода тој ѝ се заблагодари на Турција, којашто, како што рече тој, многу придонесе за нивната слобода.
Еден жител на Џарабулус, Абу Касим, вели дека првпат по две години дошол насмеан на бајрамските молитви. Тој истакна дека посебна среќа кај него предизвикувал големиот број деца на улиците на градот.