Enes Kanlı
06 Јули 2016•Ажурирај: 07 Јули 2016
МЕКА (АА) - Муслиманите во Саудиска Арабија, Палестина, Египет, Индонезија, Катар, Ирак, Бахреин, Авганистан, Азербејџан, Кина и уште некои земји денес го одбележуваат првиот ден на Рамазан Бајрам, а џамиите во градовите на тие земји беа претесни да ги примат сите верници на утринската Бајрамска молитва, па улиците и платото околу џамиите беа преплавени со верници, јавува Anadolu Agency (AA).
Во комплексот Ќаба во Мека утрово се собраа над два милиони верници на молитвата по повод Рамазан Бајрам, а имамот Шеких Салих бин Хумејд најостро ги осуди терористичките напади во светот, а посебно оние кои се случија пред два дена во Медина во непосредна близина на Пратениковата џамија.
„Бомбашкиот напад во најсветиот месец Рамазан, во најсветиот град (за муслиманите) Медина е најголемо зло кое може да се замисли. Тоа не може да го изврши никој кој е муслиман, шиит, сунит, ниту некој кој ја сака својата татковина и луѓето воопшто” , порача имамот Салих.
Верниците околу Ќаба (Мека) почнаа да се собираат веќе на полноќ, а локалните извори јавуваат дека на бајрамската молитва имало над два милиони верници.
Властите на Саудиска Арабија вчера соопштија дека денес е првиот ден од Рамазанскиот Бајрам, инаку во Турција, земјите од Балканот и уште некои делови на светот првиот ден од Бајрам беше одбележан вчера.
И муслиманите во Египет утринава клањаа Бајрамска молитва, а имамите за време на Бајрамските хутби (предавања) ги повикаа верниците на солидарност, мир и единство во борбата против кризата и проблемите во исламскиот свет.
Првиот ден од Рамазанскиот Бајрам денес го одбележуваат милиони муслимани во Индонезија, Авганистан, Ирак, Азербејџан, Палестина, Кина, Катар и уште некои арапски земји.
Неколку десетици муслимани утрово Бајрамската молитва ја извршија во комплексот на џамијата Ал Акса во Ерусалим, а денес Бајрам го прославуваат и муслиманите од другите делови на Палестина, вклучувајќи го и окупираниот појас Газа.