Arif Aslan
21 Јуни 2016•Ажурирај: 22 Јуни 2016
ЕДРЕНЕ (АА) - Трилече е еден освежителен балкански десерт кој е најчесто застапен во рамазанското летно мени, јавува Anadolu Agency (AA).
Десертот трилече, кој своето име го добил од трите видови на млеко од кои се прави (биволско, козјо и кравјо), во последните неколку години со својот вкус ја освои и Турција. На границата со Балканот, во Едрене, десертот трилече го конзумираат и жителите на градот и туристите подеднакво.
Фактот што трилече е млечен и лесен десерт за јадење, допринесува за неговата зголемена побарувачка и подготовка, особено во текот на месецот Рамазан.
Мехмет Карџи, слаткарот кој веќе 20 години го подготвува познатото трилече, кое по мекоста на пандишпанот наликува на раванија, одозгора прелеана со албени карамел, ни раскажа дека овој десерт привлекува големо внимание во последните години.
“Има голема побарувачка за трилече бидејќи истото се јаде ладно во летните горештини на Рамазан“, вели Карџи, потенцирајќи дека ладниот, млечен и лесен десерт ги освоил и вкусовите на Турција пред 2-3 години.
“Продажбата оди добро, задоволни сме. Во текот на овој Рамазан највеќе се продава ѓулач и трилече. За подготовка на еден од најлесните десерти, се користи гриз, јајца, брашно и ванила. По печењето се додаваат млеко и крем павлака. Како прелив користиме карамел или малина. По вкус, може да се украси одозгора со лешник, ф’стак или ораси“, додаде тој.
Слаткарот, Мехмет Севал, исто така го сподели своето мислење дека трилечето е еден од балканските десерти кој е најзастапен на рамазанските софри, поради тоа што е лесен и не ја отежнува дигестијата во желудникот.
“Трилече, како еден од традиционалните десерти кои ни доаѓаат од Балканот, е многу баран и сакан, бидејќи е лесен за јадење и за желудникот“.
„Ние се трудиме да им удоволиме на зголемените нарачки за трилече во текот на рамазанските пости. Вистина е дека кога рамазанските денови се во летниот период, луѓето сакаат и јадат полесни и освежителни десерти. Трилече десертот не создава тежина на желудникот, дури и ако се претера со бројот на изедени парчиња. Токму поради тоа се троши во изобилие”, ни раскажа слаткарот Севал.