Cuneyt Davut,Malik Hasa
06 Јуни 2016•Ажурирај: 06 Јуни 2016
СКОПЈЕ/ТИРАНА/ПРИШТИНА (АА) - Голем број на верници од исламска вероисповед вечерва се собраа во џамиите низ различни балкански градови, каде што го извршија првиот верски обред на прагот на светиот месец Рамазан, клањањето „терави намаз”, јавува Anadolu Agency (AA).
Верниците оваа молитва ја извршија во Тирана, Приштина, Скопје, Сараево, Подгорица, Белград и во другите градови низ Балканот.
Голем број верници вечерва беа присутни во скопските џамии, каде што клањаа „терави намаз" и со ентузијазам го пречекаа месецот Рамазан.
Како и другите џамии, и Мустафа-пашината џамија во Скопје беше исполнета со верниците муслимани кои дојдоа на вечерашната молитва. Пред молитвата верниците имаа можност да слушаат предавање од имамот, а оние кои не можеа да најдат место внатре во џамијата, молитвата ја извршија надвор, во дворот на џамијата.
Исто така и во Тирана, муслиманските верници низ целата земја ја извршија првата молитва со која се означува почетокот на месецот Рамазан. Голем број на верници беа присутни во џамијата Етем Бег во Тирана.
Приштина е, исто така, меѓу другите главни градови на Балканот, каде што Рамазан, светиот месец за верниците муслимани, беше пречекан со голема радост и со извршување на верскиот обред „терави намаз". Џамијата Фатих Султан Мехмет во главниот град на Косово беше преполна со верници кои присуствуваа на првата рамазанска молитва.
Инаку, зборот „теравија" значи одмор или пауза, а овој верски обред се извршува секоја вечер за време на месецот на постот.
Откако вечерва ќе се изврши првата теравија, која го означува и првиот сехур (вечера пред почетокот на целодневниот пост), верницитете од исламска вероисповед од утре ќе почнат со постење на месец Рамазан, кој во согласност со исламскиот календар ќе трае 29 дена. Последниот ден од месец Рамазан е 4-ти јули, а првиот ден на Рамазан Бајрам ќе се одбележи на 5-ти јули.