Servet Günerigök
01 Ноември 2021•Ажурирај: 02 Ноември 2021
ВАШИНГТОН
Американскиот претседател Џо Бајден вчера изјави дека е разочаран поради неуспехот на Кина и Русија да преземат обврски во справувањето со климатските промени, јавува Агенција Анадолија (АА).
„Не само Русија, туку и Кина во суштина не покажаа посветеност кон справувањето со климатските промени“, рече Бајден на прес-конференција на крајот од Самитот на лидерите на Г-20 во Рим, Италија.
Претходно во текот на денот, лидерите на 20-те најбогати земји во светот ја повторија својата посветеност на целта на Парискиот договор од 2015 година за ограничување на глобалната просечна температура на 1,5 степени Целзиусови.
Бајден денес ќе присуствува и на самитот на светските лидери на почетокот на 26-та Конференција на ОН за климатски промени, позната како КОП26, во Глазгов Шкотска, но претседателот на Русија Владимир Путин и кинескиот претседател Си Ѓипинг нема лично да присуствуваат на оваа конференција.
„Овде донесовме голем број работи за да ставиме крај на субвенционирањето на јагленот. Презедовме обврски сите ние од одборот во однос на тоа што ќе донесеме на КОП26“, рече американскиот претседател.
„Не можеме да знаеме дали нешто ќе успее без да провериме самите. Мислам дека ќе видите дека постигнавме значителен напредок, но треба да се направи повеќе. Ќе мора да продолжиме да се фокусираме на она што Кина, Русија и Саудиска Арабија не го прават“, додаде Бајден.