Ömer Aydın
09 Февруари 2017•Ажурирај: 10 Февруари 2017
ПАРИЗ (AA) – Во рамките на мерките за борба против тероризмот, симболот на Париз и на Франција, Ајфеловата кула наскоро ќе биде оградена со висок и непрoбоен стаклен sид, јавува Anadolu Agency (AA).
Станува збор за здание што годишно во просек го посетуваат седум милиони луѓе, а надлежните сакаат со новите мерки да ги заштитат туристите од евентуалните терористички закани.
Во текот на минатогодишното Европско фудбалско првенство, Ајфеловата кула и нејзиниот двор беа оградени со заштитна ограда што компанијата којашто управува со комплексот одлучила да ја задржи на неодредено време.
Челникот на таа компанија, Бернар Гудилер за весникот „Ле Парисиен“ изјави дека оградата наскоро ќе биде отстранета, а ќе биде поставена нова заштитна мерка.
„Ајфеловата кула и дворот околу неа ќе бидат оградени со непробоен стаклен sид. Тој ќе биде завршен до есен оваа година. Ќе биде висок два и пол метри, а станува збор за мерка за заштита од тероризмот. Ќе биде оставен само еден влез во дворот“, вели Гудилер.
Станува збор за проект вреден 20 милиони долари, а тој секако ќе донесе низа промени на централната туристичка дестинација на Париз.
Од градската управа беше соопштено дека влезот за посета на Ајфеловата кула и понатаму ќе биде бесплатен, но дека поради контролите, туристите малку подолго ќе мораат да чекаат на влезот.