Besar Ademi
27 Јануари 2017•Ажурирај: 28 Јануари 2017
СКОПЈЕ (АА) - Во рамките на 28 јануари, Денот на заштита на личните податоци, Дирекцијата за заштита на личните податоци на Република Македонија ги претстави резултатите од нејзиното работење во изминатата година, како и тековните активности во рамките на ИПА проектот „Поддршка за пристап до правото на заштита на личните податоци“, јавува Anadolu Agency (AA).
ИПА проектот „Поддршка за пристап до правото на заштита на личните податоци“, кој е финансиран од страна на Европската Унија, опфаќа клучни елементи на нејзината нацрт-стратегија (2017-2020), документ којшто обезбедува редизајн на македонското законодавство во контекст на Регулативата на ЕУ од 25 мај 2016 година во Европскиот парламент.
Во стратешките и конкретните цели во нацрт-стратегијата, меѓу другото, предвиден е дел што се однесува на Република Македонија, за која иако не е членка на Унијата, од особена важност е хармонизацијата на законодавството, работата со клиентите, процедурите и постапките и на вработените во Дирекцијата за заштита на личните податоци, на која ѝ треба кадровско зајакнување.
Директорот на Дирекцијата за заштита на личните податоци, Горан Трајковски, рече дека овој проект е важен за институцијата што ја води бидејќи овозможува понатамошно зајакнување на капацитетот во примената на Законот за заштита на личните податоци, како и подигање на свеста за заштита на приватноста.
„Заедно со сите земји-членки на Европската Унија и земјите аспиранти за членки на Европската Унија, оваа година ќе работиме на имплементација на новото законодавство, а тоа значи дека ќе ги вклучиме сите невладини организации и сите заинтересиани страни, односно целата македонска јавност, така што со денот на донесувањето во 2017 ќе биде во потполна сила“, изјави Трајковски.
Од друга страна, Народниот правобранител на Република Македонија, Иџет Мемети рече дека и покрај тоа што правото на заштита на личните податоци е уставно и основно човеково право, практиката во Македонија покажува дека најголемиот број прекршувања на ова право се резултат на недоволната развиеност на јавната свест и неефективната имплементација на основните принципи за заштита на личните права.
„Во Република Македонија, не само што треба да се зајакне легислативата за заштита на личните податоци, туку исто така мора да се направат напори за промовирање на овие основни права за заштита на податоците“, рече Мемети, посочувајќи дека првиот и неопходен чекор што треба да се преземе е спроведувањето активности за подигање на свеста, со цел да се спречи злоупотребата на личните податоци.
Инаку, Комитетот на министри при Советот на Европа, на 26 април 2006 година одлучи секоја година, 28 јануари да се слави како Ден на заштитата на личните податоци. Денот за заштита на личните податоци денес се слави глобално и надвор од Европа, и е познат и како Ден на приватноста.