Furkan Abdula
05 Април 2017•Ажурирај: 06 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - По повод Светскиот ден на здравјето, кој се одбележува на 7. април, на годишнината од основањето на Светската здравствена организација, секоја година се иницира здравствена тема којашто ги поврзува луѓето од целиот свет. По тој повод, Институтот за јавно здравје на Република Македонија денес организираше прес-конфереција на која се зборуваше за депресијата, како тема на која е посветена годинешната кампања, јавува Anadolu Agency (AA).
Директорот на Институтот за јавно здравје на Република Македонија, Шабан Мемети рече дека кампањата се одвива под мотото „Депресија – ајде да разговараме“.
Депресијата, како што рече доктор Мемети, влијае на луѓето од сите возрасти, во сите сфери на животот, во сите земји. Според неговите зборови, таа предизвикува ментална болка и влијае на луѓето така што им ја намалува способноста за извршување дури и на наједноставните секојдневни задачи. Д-р Мемети исто така рече дека депресијата понекогаш може да има и катастрофални последици во однос на семејните и пријателските односи.
Меѓу другото, д-р Мемети наведе дека депресијата може да влијае и на можноста за обезбедување на егзистенцијата. „Во најлош случај“, истакна тој, „депресијата може да доведе до самоубиство“.
Д-р Мемети рече дека бројот на луѓето со депресија во земјата и во светот се зголемува.
„Светската здравствена организација во февруари минатата година објави дека бројот на луѓето кои живеат со депресија е зголемен за повеќе од 18% во споредба со периодот меѓу 2005 и 2015 година. Повеќе од 80% од луѓето кои живеат со болеста се во земјите со низок и среден животен стандард“, изјави тој.
„Слична е состојбата во Македонија. Бројот на болнички лекувани болни од депресивна епизода и од депресивно растројство се зголемува со текот на годините. Во 2010 година, бројот на лекувани болни изнесува 585, од кои 196 мажи и 389 жени. Во 2015 година тој број изнесувал 803, од кои 257 мажи и 546 жени, што преставува пораст од 37 проценти“, истакна д-р Мемети.
Во однос на превенцијата од депресијата, тој рече дека оваа болест може да се спречи и да се третира. Како што истакна, колку повеќе и подобро се разбере што е депресија и како таа може да се спречи и да се третира, толку се поголеми шансите за намалување на стигмата и можностите поголем број луѓе да побараат помош.
Проф.д-р Антони Новотни од Универзитетската клиника за психијатрија, говорејќи за депресијата рече дека таа е втора најголема причина за инвалидитет во светот.
„Пациентите со депресија отсуствуваат од работа и апсентизмот прави штети од околу илјада милијарди долари годишно. Многу го чини општеството. Во ситуација на хуманитарни катастрофи, секој петти човек развива симптоми на депресија и вознемиреност“, рече Новотни, кој ги наведе и главните причини за оваа болест.
„Покрај генетиката, многу влијаат и надворешните стресогени фактори, нашите работни односи, задоволството, животните искуства, стресовите во животот. Негативен стрес цикус нѐ опфаќа сите нас. Хроничниот стрес влијае на нашите нерви. Ние мораме да размислуваме за да спречиме да биде мајор депресија. Мораме да преземаме мали чекори и да разговараме за депресијата и за нашето ментално здравје. Да ги вратиме здравите навики што ги изгубивме трчајќи низ животот“, истакна Новотни.
Инаку, депресијата е болест што се карактеризира со долготрајна тага и губење интерес за активности, неспособност за извршување на секојдневните активности, особено повеќе од две недели.