Besar Ademi
05 Април 2017•Ажурирај: 06 Април 2017
СКОПЈЕ (АА) - На дипломатскиот брифинг одржан во просториите на Министерството за надворешни работи на Република Македонија, на кој беа претставени активностите на Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција – МАРРИ, беше истакнато дека иако бранот на бегалците е намален и „балканската рута“ останува затворена, земјите од регионот мораат да бидат подготвени да обезбедат сеопфатна одговорност во случај на можен втор бран, јавува Anadolu Agency (AA).
Брифингот беше организиран во рамките на претседавањето на Македонија во МАРРИ, а присутни беа претставници на дипломатскиот кор во Македонија, меѓународните организации присутни во Македонија, како и од институциите кои имаат надлежности во областа на миграцијата.
Министерот за внатрешни работи на Македонија, Агим Нухиу, на почетокот од брифингот рече дека по затворањето на „балканската рута“, Македонија се соочува со трговија со мигранти, и тоа во големи размери. Според него, за успешно спроведување на борбата против оваа појава, потребно е поголемо внимание и колку што е можно поблиска соработка меѓу земјите од регионот, но под заштита на европските земји.
„МАРРИ е место каде што треба да покажеме дека ние можеме да разговараме, преговараме и да бидеме обединети по одредени прашања, и најважно, да споделуваме одговорност за нашите постапки, а со самото тоа да бидеме подготвени за членство во Европската Унија - желба, која е заедничка за сите оние што се дел од ова наше мало регионално семејство“, изјави Нухиу, нарекувајќи ја оваа иницијатива фактор којшто ќе придонесе за подобро функционирање на регионот.
Директорката на иницијативата МАРРИ, Тамара Мугоша, ги претстави проектите спроведени од оваа иницијатива, како и проектите што се планирани за во иднина, кои, според неа, ќе придонесат за зајакнување на ефективната соработка во борбата против нелегалната миграција.
Регионалната иницијатива за азил, бегалци и миграција (МАРРИ) е основана во 2003 година, во рамките на Пактот за стабилност за Југоисточна Европа, и официјално започна со работа на 5 април 2004 година, на Министерската конференција што се одржа во Херцег-Нови, конференцијата која е основач на оваа иницијатива и прва седница на Регионалниот форум на МАРРИ. МАРРИ ја сочинуваат седум земји-членки: Македонија, Албанија, Босна и Херцеговина, Хрватска, Црна Гора, Србија и Косово.