Ekipa
28 Септември 2022•Ажурирај: 29 Септември 2022
ЖЕНЕВА (АА) ‒ Се проценува дека на годишно ниво се губат 12 милијарди работни денови поради анксиозност и депресија, поради што глобалната економија трпи загуби од близу 1 билион долари, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Во извештајот на Светската здравствена организација (СЗО) и Меѓународната организација за труд (МОТ) дадени се нови упатства за менталното здравје при работа, зајакнати со практични стратегии.
Двете агенции на Обединетите нации (ОН) повикаа на конкретни акции поврзани со менталното здравје на популацијата вработени.
Во друг извештај, СЗО и МОТ нагласуваат дека Ковид-19 предизвикал зголемување на анксиозноста и депресијата за 25 отсто на глобално ниво, покажувајќи го степенот на неподготвеност на владите за влијанието на вирусот врз менталното здравје.
Во извештајот се открива дека има континуиран недостиг на ресурси за да се помогне во менталното здравје. Во 2020 година владите во светот во просек потрошиле околу 2 отсто од буџетите за здравство на менталното здравје, а земјите во развој, дури помалку од 1 отсто.
„Време е да се посветиме на штетното влијание кое може да го има работата врз нашето здравје“, изјави генералниот директор на СЗО, Тедрос Аданом Гебрејесус.
„Благосостојбата на поединецот е доволна причина да се дејствува, но лошото ментално здравје може да има влијание на намалување на перформансите и продуктивноста на индивидуата“, изјави Тедрос.
‒ Заштитата на менталното здравје ‒
„Овие нови начела ќе помогнат во спречувањето на негативните ситуации во работата и ќе ја понудат неопходната заштита на менталното здравје и поддршка за работниците.“
За првпат СЗО предложува тренинг за зајакнување на капацитетите за спречување стресни ситуации во работната средина и пружање помош на вработените кои имаат потреба за тоа.
Извештајот за менталното здравје во светот на СЗО, издаден во јуни 2022 година, покажува дека од еден милион луѓе со нарушено ментално здравје во 2019 година, 15 отсто од работоспособните индивидуи се соочуваат со ментална болест.
Самата работа ги засилува пошироките општествени прашања кои негативно влијаат врз менталното здравје, вклучувајќи ја дискриминацијата и нееднаквоста.
Булингот и психичкото насилство, познато и како мобинг, се клучни поплаки на работното место кои може да го нарушат менталното здравје.
Извештајот, исто така, открива дека дискутирањето за, или обелоденувањето на менталната состојба, останува табу тема во работните средини во глобални рамки.
Упатствата во извештајот препорачуваат изнаоѓање подобри начини за задоволување на потребите на работниците со нарушување на менталното здравје.
„Најважно, упатствата се повик за интервенција за зачувување на вработените во здравството, хуманитарните работници и вработените во итните служби“, порачуваат од СЗО и МОТ.