Dmitri Chirciu
28 Септември 2022•Ажурирај: 30 Септември 2022
МОСКВА (АА) ‒ Самопрогласените народни републики Доњецк и Луганск во Украина, кои се под контрола на проруските сепаратисти, по одржувањето на референдумите поднесоа барање за припојување кон Русија, пренесува Агенција Анадолија (АА).
Според руската новинска агенција ТАСС, Денис Пушилин, претседател на самопрогласената Народна Република Доњецк и Леонид Пашечник, претседател на Народна Република Луганск, до рускиот претседател Владимир Путин поднеле барање за припојување кон руската територија.
Покрај тоа, се наведува дека Владимир Салдо, шеф на администрацијата на самопрогласениот регион Херсон, кој беше заземен од Руската армија, исто така побарал да биде припоен со Русија.
И лидерот на самопрогласената администрација на регионот Запорожје, исто така, најави дека во наредните денови ќе поднесе барање за приклучување кон Русија.
‒ Референдуми во областите контролирани од проруските сепаратисти ‒
Наведено е дека во таканаречените Доњецка Народна Република и Луганска Народна Република под контрола на проруските сепаратисти во Украина и во регионите Херсон и Запорожје заземени од Руската армија, на референдумите одржани од 23 до 27 септември, изгласано е „поврзување со Русија“.
Самопрогласените народни републики Доњецк и Луганск кои се под контрола на руските сепаратисти и подрачјата Херсон и Запорожје под контрола на руската војска, соопштија дека се добиени резултатите на референдумите за „Приклучување кон Русија“ организирани во периодот од 23 до 27 септември.
Според податоците објавени од самоименуваните изборни комисии во регионите, 99,23 отсто од луѓето кои учествувале на референдумот на Народна Република Доњецк гласале за припојување кон Русија.
На референдумот на самопрогласената Народна Република Луганск, 98,42 отсто од гласачите гласале за приклучување кон Русија.
Во регионот Запорожје кој е под контрола на Руската армија, 93,11 отсто од учесниците на референдумот биле за припојување кон Русија, додека од регионот Херсон за припојување гласале 87,05 отсто од гласачите.
‒ Реакции за одржаните референдуми ‒
Одредени западни земји, првенствено САД, изјавија дека нема да ги признаат референдумите што Русија ги организира во украинските региони Доњецк, Луганск, Херсон и Запорожје.
И Обединетите нации (ОН) објавија дека овие референдуми се спротивни на меѓународното право и се нелегални.