Dildar Baykan
09 Февруари 2017•Ажурирај: 10 Февруари 2017
АНКАРА (АА) - Како последица од здравствените компликации предизвикани од консумацијата на цигари, односно од тутунски производи, во светот на секои шест секунди умира по едно лице, што претставува околу шест милиони лица годишно, јавува Anadolu Agency (AA).
Податоците на Светската здравствена организација (СЗО) покажуваат дека доколку не се ограничи консумирањето на цигари, овој број до 2030 година би можел да изнесува осум милиони.

Се претпоставува дека во светот има 1,1 милијарди пушачи постари од 15 години. Околу 80 отсто од нив живеат во земјите со послабо развиени економии.
Извештаите на Организацијата за економски развој и соработка (OECD) за 2015 година покажуваат дека 39 отсто од луѓето во Грција консумираат цигари, што е најмногу во светот. Следуваат Индонезија со 38 отсто и Латвија со 34 отсто.
Меѓу топ-десетте земји се и Чиле, со 30 отсто, Унгарија со 27 отсто, Естонија и Кина со 26 отсто и Русија, Франција и Шпанија со по 24 отсто.
На 11. место се наоѓа Турција со 23,8 отсто. Во оваа земја, во 2000. година цигари консумирале 32 отсто од вкупниот број на жители.
Консумирањето цигари на светската економија ѝ носи годишен трошок од трилион долари.
Многу земји во светот користат различни облици на борба против пушењето. Некои воведуваат забрана за пушење на јавни површини, го укинуваат логото и брендот на произведувачот на цигарите од пакувањето и на пакувањата на цигарите истакнуваат предупредување за штетноста на пушењето.
Универзалното пакување на цигарите прва го воведе Австралија во 2012 година, а четири години подоцна тоа го сторија Франција, Велика Британија и Ирска.
Извештаите на Европската комисија покажуваат дека годишно во Европа, како последица од консумирањето цигари умираат и до 700.000 лица, а дека за лекување на болестите предизвикани од консумирањето на тутунски производи се трошат 25,3 милијарди евра.
СЗО во 2008 година започна мерки од шест чекори, таканаречени „МПОВЕР“ (MPOWER).
Пакетот мерки се состои од анализа, заштита од чадот на цигарите, поттикнување на граѓаните да ги остават цигарите, предупредување на јавноста за штетноста на тутунските производи, забрана на промоција, рекламирање и спонзорирање на тутунските производи и зголемување на данокот.
Извештајоот за глобалната епидемија на тутунот во 2015 година покажува дека на прво место меѓу земјите што ги применуваат мерките на СЗО за намалување на консумирањето цигари е Бразил, потоа следуваат Иран, Мадагаскар, Нов Зеланд, Панама и Турција.
Секоја година во Кина, во која се забележани 300 милиони пушачи, од болест предизвикана од пушењето умираат повеќе од 1,3 милиони лица, покажуваат податоците на СЗО.
Ирска е првата земја во Европа што ја воведе забраната за пушење, и тоа во 2004 година.
Австралија е земја во која цигарите се најскапи, а цените варираат меѓу 17 австралиски долари (околу 12 евра) и 45 австралиски евра (околу 32 евра) по пакување.