БРИСЕЛ (АА) - И покрај сѐ поголемата присутност на ксенофобијата и поставените ограничувања кон доселениците, земјите на ЕУ и понатаму се цел на голем број мигранти, со оглед на тоа што тие земји го нудат, пишува Anadolu Agency (AA).
За големиот број мигранти, особено оние од Сирија и од Ирак, многу значат погодностите што им ги овозможуваат земјите на ЕУ, како одредени месечни примања, бесплатно сметување и бесплатно образование на децата.
Откако ќе биде прифатено барањето за азил на мигрантите што одреден период престојуваат во земјите на ЕУ, тие стекнуваат право на работа, по што можат да го повлечат и своето семејство.
Според информациите до коишто дојде АА, и покрај сѐ поголемата присутност на ксенофобијата, расизмот, екстремно популистичките политички движења, подигањето ѕидови и жици на границите, на мигрантите од Ирак и од Сирија во земјите на ЕУ им се нуди многу повеќе отколку во нивните земји.
Кога е во прашање Швајцарија, откако мигрантите ќе подадат барање за азил, во наредните 90 дена престојуваат во посебни прифатни центри. По изминувањето на три месеци, Швајцарскиот секретаријат за бегалци (SEM) ги распоредува мигрантите по кантони, кои се грижат за нив. Доколку нивното барање за азил биде прифатено, мигрантите имаат право во Швајцарија да го донесат и семејството.
Сите потреби на мигрантите ги сносат кантоните, кои им одобруваат средства за стан, храна и останати потреби. Ако мигрантите ги прифати некое швајцарско семејство, кантонот на тие семејства им плаќа одредени средства. Кога ќе добијат статус на азиланти, добиваат и работни дозволи. Швајцарија поттикнува на мигрантите да им се дава одредена предност кога е во прашање вработувањето. Но, и покрај тоа, во Швајцарија работат 20 отсто од мигрантите.
- Во Велика Британија посебна програма за бегалците од Сирија
Мигрантите во Велика Британија престојуваат во таканаречени домови. Ако немаат основни средства за живот, имаат право да бараат „поддршка за мигрантите“. Доколку нивното барање не се прифати, им се обезбедува дневна помош од 5,5 британски фунти (6,5 евра).
По прифаќањето на барањата за азил, мигрантите имаат рок од 28 дена да пронајдат сместување. Во исто време, тие подаваат и барање за стекнување социјална помош. Велика Британија од 2005 година наваму, на бегалците им дава можност за престој до пет години. Минатата година, Велика Британија одби 38 отсто од барањата за азил, но и покрај тоа, таа е меѓу водечките земји на ЕУ од кои мигрантите бараат азил.
Оваа земја има посебна програма за прифаќање на бегалците од Сирија, во чии рамки на доселениците од оваа земја им се дава предност, со сета неопходна социјална и медицинска помош. По пет години престој во Велика Британија, мигрантите имаат право да подадат барање за стекнување државјанство.
Франција исто така е една од земјите што на мигрантите им ги покрива основните потреби за живот како центар за нега, сместување и храна. На мигрантите им е обезбедена и месечна паришна помош од 120 евра.
Мигрантите што ќе подадат барање за азил имаат право на престој од еден месец, а потоа им се продолжува престојот за уште шест месеци. За време на разгледувањето на барања за азил, на мигрантите што престојуваат во центрите за нега, според потребите на семејството им се дава паричен надомест меѓу 91 и 718 евра. На оние што не престојуваат во овие центри во периодот на разлегување на барањето за азил им се исплаќаат месечно по 340,5 евра.
Откако ќе добијат статус на азиланти, мораат да ги напуштат центрите за нега, за да можат да се пријават за т.н. Надомест на активна солидарност (RSA).
- Мигрантите во Шведска можат да работат за време на разгледувањето на барањата за азил
Поради својата мека политика кон мигрантите, Шведска важи за земја што во рамките на ЕУ нуди најмногу можности за доселениците. Земјата со 9,7 милиони жители, воедно е и земја со најголем број примени мигранти.
Во Шведска, во текот на 2015 година пристигнаа 163 илјади мигранти, и оваа земја се наоѓа на второто место според бројот на барањата за азил, по Германија.
По подавањето на барањата за азил, на мигрантите им се обезбедува сместување и им се дава паричен надомест од 250 евра. Оние мигранти што немаат сместување, се сместуваат во бегалски кампови. Разгледувањето на барањата за азил трае околу една година и во тој период мигрантите можат да работат.
Пред да дојдат на територијата на Германија, сите мигранти поминуваат низ лекарски контроли и контрола на документите. По влегувањето во Германија, тие се сместуваат во привремени центри што ги обезбедува државата.
На сите мигранти им се покриени основните потреби за живот, а освен тоа, добиваат и месечни примања во износ од 143 евра. Секое семејство добива и дополнителни 90 евра за секое дете.