Mahmut Atanur,Adem Şalvarcıoğlu
09 Февруари 2017•Ажурирај: 10 Февруари 2017
ЏАКАРТА (АА) - Во Џакарта, главниот град на Индонезија, стотици бездомници живеат под мостовите и во близина на канализациски цевки. Во Џакарта, која има 27 милиони жители, од околните градови и места доаѓаат голем број лица во потрага за подобар живот, јавува Anadolu Agency (АА).
Сепак, не се сите со таква среќа да имаат покрив над главата, туку живеат во многу тешки услови.
За многумина бездомници, единствениот дом се канализациските цевки и мостовите во близина на реката што минува низ најголемиот текстилен пазар во југоисточна Азија, Танах Абанг (Црвената Земја).
Оние што живеат под мостовите, облеката ја перат во загадената вода и се капат во реката. Во подрачјето каде што санитарните услови се многу лоши, децата си играат во реката и пливаат.
Икбал Ризки (30) живее во одводите под кализациските цевки, а егзистенција обезбедува со собирање пластични шишиња. Тој вели дека откако ги изгубил родителите, од Медана дошол во Џакарта, каде што очекувал подобар живот.
„Веќе девет години живеам во оваа канализациска цевка. На ова подрачје има стотици лица како мене. Преживувам така што собирам пластични шишиња и ги продавам. Тоа ми е целиот приход, а доволен е колку да не останам гладен“, појаснува Ризки.
Тој вели дека месечно заработува најмногу 100 долари и дека е невозможно со толку мали приходи да изнајми куќа.
„Дом ми е оваа канализациска цевка во која нема ни хигиена ни безбедност. Државата не ни помага, а вршат притисок да го напуштиме ова подрачје“, се пожали Ризки.
Тој додава дека се капе така што ја собира водата што истекува од канализациските цевки.
Јусуф Стеф веќе 14 години исто така живее во канализациска цевка. Вели дека нема родители, а ниту работа.
„Веќе долго време живеам во оваа канализациска цевка. Се обидувам да преживеам така што собирам хартија и ја продавам. Завршив основно училиште, па е невозможно да се најде работа. Барем да имав можност да се образувам. Можеби би имал подобар живот“, изјави Стеф.
На местото каде што во Џакарта завршува сиромашниот кварт, започнуваат луксузни населби, што зборува за длабоките класни разлики, како и разликите во висината на приходите. Истовремено, средна класа речиси нема.
Во Индонезија живеат околу 256 милиони лица, а се очекува дека во 2035 година тој број ќе изнесува 306 милиони.
Податоците на Заводот за статистика во Индонезија од 2015 година покажуваат дека 11 отсто од жителите живеат под границата на сиромаштија. Многу од нив настојуваат да преживеат со 200 долари месечно.