Ekipa
15 Јуни 2016•Ажурирај: 16 Јуни 2016
АТИНА (АА) - Во последните пет години Грците се соочуват со големо влијание на економска криза која ја зафати земјата, јавува Anadolu Agency (AA).
Со намалување на платите и пензиите и невработеноста на Грците, многу луѓе загубија сè, дури и покривот над своите глави.
Според истражувањето на Центарот за бездомници во Атина (KYADA), 71 отсто од испитаниците станаа бездомници во последните пет години. Само минатата година повеќе од една петина од испитаниците ги изгубиле своите домови.
Anadolu Agency се упати на улиците на централна Атина и зборуваше со луѓето кои нашле засолниште во парковите и напуштените куќи. Многу од нив не беа расположени да дадат детали за тоа како стигнале до таквата ситуација, а многумина од нив сакаа да останат анонимни.
Павлос Т. 56-годишен поранешен работник во приватниот сектор, изјави дека е без покрив над главата последните осум месеци.
„Ја изгубив работата во фабриката во којашто работев во последните шест години”, изјави тој. Тој заработувал 700 евра месечно (784 долари), но тие пари не му биле доволни да ги покрие своите трошоци, со оглед на тоа што е разведен, воедно и татко.
Загубата на работата довела до оддалечување од неговото семејство.
„Моите деца живееа со мојата поранешна сопруга и јас ги издржував колку што можев, но потоа беше невозможно, го загубив контактот со нив”, изјави тој.
Павлос сега живее на улиците низ централна Атина и постојано ја менува својата локација.
Истражувањето на Центарот покажа дека 62 отсто од бездомниците се Грци, со поголем број на машката популација.
Четириесет и осумгодишниот Ѓоргос, уште еден поранешен работник во приватниот сектор призна дека бил и корисник на дрога. Во состојба на очигледна сиромаштија, Ѓоргос изјави дека ги давал сите свои пари за да ја добие својата доза. Тој нема никого кој би можело да го поддржи, неговите родители се мртви а нема ни браќа ниту сестри.
„Околностите ме доведоа до ваква ситуација. Што можам да направам?”, рече тој.
И покрај фактот што живее само на неколку метри од Шелтер центарот, тој преферира да живее на улица.
„Причината е тоа што таму морам да ги следам правилата, нема да бидам во можност да излезам кога и да посакам и да ја земам својата доза”, изјави тој.
Истражувањето, исто така, покажа дека 57 отсто од испитаниците се на возраст помеѓу 35 и 55 години и речиси 30 отсто одбиле да останат во Шелтер центарот или некој друг сличен објект.
Речиси половина од испитаниците изјавија дека причината за нивното бездомништво е загубата на работата.
Само на неколку метри од централната метро станица на плоштадот Синтагма, во мал парк, човек во средни години - кој одбива да даде детали за неговите години и неговото име - изградил мало засолниште со картонски кутии со цел да остане сув за време на дождливите денови.
„Што сакате да знаете, како завршив тука?”- праша тој. Бездомник сум повеќе од пет години. „Бев хоспитализиран во психијатриска установа и кога излегов никој не ми отвори врата, дури ни моето семејство”, вели тој, и додаде „немам работа, па јадам во шелтер центрите во општината”.