Hacer Başer
08 Февруари 2017•Ажурирај: 09 Февруари 2017
ГАЗА (АА) - Девојчето Минетулах ел-Бејтар од Газа, кое има оштетен вид од раѓање, има цел да стигне до црн појас во карате, што е мајсторско ниво во оваа боречка вештина, јавува Anadolu Agency (AA).
Тринаесетгодишната Минетулах, која е лишена од сетилото за вид, наместо да живее цел живот со бел бастун, се спротивставува на овој хендикеп тренирајќи карате во спортски клуб во Газа.
Минетулах за АА раскажа дека го избрала каратето за да биде силна и за да се брани себеси.
„Со голема мотивација, успеав да го надминам мојот хендикеп. Се ослободив од негативната енергија благодарение на каратето“, рече Минетулах, истакнувајќи дека овој спорт ѝ дава посебна енергија.
- „Верувам дека таа ќе стигне до напредните појаси“ -
Хасан eр-Раи, тренерот на Минетулах, истакна дека е горд со неа и оти е изненаден од постигнатиот успех на неговата ученичка.
Раи вели дека колку што му е познато, неговата ученичка, која се подготвува да помине од бел појас на жолт, е првата Арапка со оштетен вид што тренира карате.
„Тренираме трипати неделно, по 2 часа дневно. Продолжуваме со тренинзи врз основа на програма за обука соодветна за неа, којашто претходно ја подготвив“, додаде тој.
„Нејзината способност за сфаќање е исклучително висока и способна е да напредува во каратето“, додава Раи, истакнувајќи дека применува перцептивна програма за обука што се темели на меморирање звуци, правци и движења.
Според официјални палестински податоци, во Газа којашто со години е под блокада на Израел, живеат околу 7.000 лица со оштетен вид.