Serhat Zafer
07 Февруари 2017•Ажурирај: 08 Февруари 2017
СИВАС (АА) – Тахсин Џејлан, директор на фотографија и фотограф, со своите снимки им овозможува на луѓето да го запознаат подводниот свет, и вели дека сака да продолжи со нуркањето до крајот на својот живот, јавува Anadolu Agency (AA).
Џејлан пред 31 година, преку обуки за спасување и прва помош почнал да се занимава со подводните спортови. Тој досега нуркал во водите на Црвеното Море, Атлантскиот Океан, Тихиот Океан и во Турција, и со снимените видеа и фотографии, на луѓето им го претставува подводниот свет.
Тахсин Џејлан за АА раскажа дека нуркањето за него претставува страст, а круна на неговата кариера се документарните филмови изработени од видеоснимки и фотографии, како и издадените книги.

„Еден од најинтересните спомени од моите нуркања е кога првпат ја фотографирав средоземната фока во нејзината природна средина. Морските коњчиња се интересни, но сепак ајкулите секогаш се застрашувачки и прекрасни. По првото фотографирање на ајкула, не се сеќавам кога вторпат ја сликав бидејќи во тој момент ја наведнав главата, а ајкулата помина над мене“, истакна Џејлан, кој рече дека има многу спомени од своите нуркања.
Џејлан истакна дека човекот треба да ја запознае и да ја промовира природата, и вели дека не го знае точниот број на неговите нуркања, но поголемиот дел од своето време го поминува во истражување.
- „Максимално да ја искористиме силата што ни ја дал Бог“ -
Џејлан вели дека нурка и ги споделува со луѓето своите видеоснимки и фотографии.

„Нуркам низ целиот свет. Нуркав во сите мориња, постојано патувам низ целиот свет. Додека не остарам, ќе продолжам со тоа. Некогаш ме прашуваат: ‘До кога ќе продолжиш со оваа работа?’. Таа е божја одлука, колку што ќе ми даде сила, ќе го искористам тоа до крај. Замислете дека имате викендичка на најубавата плажа, во најубавот град на Турција. Легнати сте на една лежалка, и полека, полека умирате. Наместо да умрам на тој начин, повеќе би сакал да умрам меѓу забите на ајкулата“, раскажува Џејлан.
„Со нуркањето истовремено се развива и општата култура. Повеќето луѓе што се занимаваат со нуркање имаат одредено познавање од физика, хемија, биологија, како и од екологија. Истовремено тие подобро ја познаваат и природата. Сѐ научив од природата, и тоа знаење се трудам тоа да им го пренесам и на другите“, истакна Џејлан, кој рече дека нуркањето е повеќе од тоа само да се влегува и да се излегува од водата.

„Ако новите генерации ја започнат својата работа во природата, нема да се задоволат само со нуркање. Ќе го изучуваат долниот и горниот дел на мразот, ќе изучуваат како напредува еволуцијата во природата. На тој начин ќе можат исполнето и среќно да го живеат својот живот. Инаку, ќе бидат само негови набљудувачи. Има два вида на луѓе во поглед на животот. Едните се оние што го живеат животот, додека другите се оние што ги гледаат оние што живеат. Јас сум од оние што го живеат животот“, додаде Џејлан.