Besar Ademi
13 Октомври 2016•Ажурирај: 14 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Во организација на Министерството за култура и Агенцијата за филм на Република Македонија, во Скопје беше претставена програмата „Креативна Европа“ (Култура и медиуми), програма на Европската Унија за културниот и креативниот сектор, а се однесува за програмскиот период од 2014 до 2020 година, јавува Anadolu Agency (AA).
Програмата што беше потпишана од Македонија на 22 јули 2014 година и преку којашто ЕУ инвестира износ од 1,46 милијарди евра, дава можност за финансирање на проектите од областа на културата и креативната индустрија. Програмата овозможува соработка меѓу организациите од областа на културата и креативноста меѓу државите, проекти за книжевни преводи, мрежи и европски платформи.
Министерката за култура на РМ, Елизабета Канческа-Милевска, истакна дека оваа програма има голема важност во развојот на заемната соработка меѓу културните институции, невладините организации и уметниците што создаваат различни дела во европските земји.
„Преку потпрограмите ‘Култура’ и ‘Медиуми’ ќе се овозможи нашите креативни и визуелни културни сектори да ги користат нивните економски потенцијали кон еден стабилен развој. Тоа ќе овозможи отворање на нови работни места и социјална кохезија во општеството, основање нови пазари за културни и аудиовизуелни продукти, и ќе обезбеди нова меѓународна публика“, рече Канческа- Милевска.
Директорката на Агенцијата за филм на Република Македонија, Мими Ѓоргоска-Илиевска, истакна дека нејзината институција во континуитет работи на развивањето на филмските активности во земјата, и рече дека оваа институција овозможува производство на меѓународни продукции.
„Во периодот од 2008 до 2015 година, важно е да се спомене дека Агенцијата за филм поддржувала вкупно 220 филмски проекти и дека само во последната година, 2016, очекуваме да завршиме со 204 реализирани проекти. Сиот овој развој е резултат на различните програми што ги реализира Агенцијата за филм“, рече Ѓоргоска-Илиевска.
Од програмата „Креативна Европа“ може да се финансираат проекти и активности што имаат врска со развојот на европскиот филм, дистрибуција и промовирање на европските филмови (фестивалите, мрежите на кинематографските мрежи и платформи), курсеви за професионалци, уметници од секторот на културата, креативниот сектор за превод на книжевност, како и меѓугранична соработка.
Програмата е отворена за културните и креативните организации на земјите-членки на ЕУ, како и за земјите како Македонија, Албанија, БиХ, Црна Гора и Србија. Но може да аплицираат и индивидуи и организации од областа на културата и креативната индустрија.