Bekim Laci
12 Октомври 2016•Ажурирај: 13 Октомври 2016
СКОПЈЕ (АА) - Националната и универзитетска библиотека „Св. Климент Охридски“ – Скопје на читателите им ги претстави литературните дела на албанските автори од Македонија преведени на македонски и на англиски јазик. Како што наведе организаторот, акцентот е ставен на поезијата, прозата и драмата од најпознатите писатели за да ги донесе македонските читатели поблиску до албанската литература и книжевност во Македонија, јавува Anadolu Agency (AA).
Програмскиот директор на библиотеката, Јовица Тасевски-Ентернијан, рече дека институцијата во минатите денови има направено голем број промоции на публикации со цел да се приближи читателот до книгата, а во оваа насока е и објавувањето на литературата од албанската книжевност на македонски јазик.
„Започнавме со презентација на една далечна литература, кинеската, и завршивме со една литература што се создава во нашата држава, но која е непозната за нас. За среќа, минатата година беше реализиран еден капитален проект којшто ќе помогне одблиску да се запознае албанската литература во Македонија“, рече Етернијан, додавајќи дека станува збор за дела од проектот „135 тома македонска книжевност“.
Деканот на Филолошкиот факултет на Државниот универзитет во Тетово, Фатмир Сулејмани, кој одржа експозе во врска за почетоците на пишувањето на албанската литература и книжевност, рече дека за жал, албанската литература и книжевност не е многу позната кај македонските читатели.
„Несреќа е тоа што само мал број дела се преведени од албанската литература и книжевност и ова што го имаме пред нас е само зрно во споредба со тоа што го создават Албанците. Колку што побрзо ќе се направи нешто во врска со тоа, да се преведува албанската литература и книжевност, толку подобро ќе биде за нашата земја, затоа што само преку културата може да се бориме со предрасудите и да излезиме од оваа кал во којашто се наоѓаме поради смешни причини“, рече Сулејмани.
Преведените дела од албански на македонски јазик: „Избрани раскази“, „Книжевна критика“, „За твој среќен ден“ (избор песни за деца), „Животни бранови“ (избор песни за деца), „Светот се врти околу југ“ од Агим Винца, „Дон Кихот кај Албанците“ од Али Алиу, „Времето на козите“ од Луан Старова, „Година на кртот“ од Ким Мехмети, „Прстени гревови“ од Мурат Исаку, „Немир во колепка“ од Абдулазиз Ислами итн.