Husamedin Gina
13 Ноември 2019•Ажурирај: 14 Ноември 2019
СКОПЈЕ (АА)- Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев, се обрати на отворањето на 4. Меѓународна научна конференција „Македонскиот јазик - извор на филолошки и културолошки истражувања“, која се одржува во Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“, јавува Агенција Анадолија (AA).
Во своето обраќање на дводневната Меѓународна конференција, премиерот Зоран Заев истакна дека македонскиот народ денес е рамноправен член во бројот на културните народи, признаен од целиот свет, а исто така и македонскиот јазик е признаен од целиот свет.
„Оваа наша заедничка мисија како експертска, општествена и политичка јавност води кон заштита и унапредување на македонскиот јазик во нашата родна земја, меѓу денешните генерации на коишто ни е предаден и кон идните генерации на коишто имаме должност да им го предадеме македонскиот јазик жив“ нагласи премиерот Заев.
Премиерот, поздравувајќи го организирањето на Меѓународната научна конференција, рече дека тоа е можност за промоција и унапредување на македонскиот јазик и дека Владата на Северна Македонија се определила за заштита, афирмација, поддршка на употребата на изворниот македонски јазик.
На првиот ден од Конференцијата беа промовирани книгите „Јазикот и културата – состојба и предизвици“ и „Мисирков – предизвик за нови проучувања во науката“.
На Меѓународната конференција присуствуваа претставници од академската заедница на Северна Македонија, Полска, Србија, САД, Русија, Хрватска, Босна и Херцеговина, Турција и Словенија.