Балкан

Илдем: „Сакаме стабилен и безбеден Западен Балкан“

Помошникот на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија, Таџан Илдем, рече дека НАТО ги поддржува преговорите помеѓу Белград и Приштина

Bojana Stojanovic  | 13.11.2019 - Обновена : 14.11.2019
Илдем: „Сакаме стабилен и безбеден Западен Балкан“

БЕЛГРАД (AA) - „Сакаме стабилен, безбеден и напреден Западен Балкан“, изјави денес помошникот на генералниот секретар на НАТО за јавна дипломатија, Таџан Илдем, во Белград, додавајќи дека НАТО ги поддржува преговорите помеѓу Белград и Приштина, јавува Агенцијата Анадолија (AA).

„НАТО никогаш нема да врши притисок на Србија за да му се придружи“, рече Илдем на отворањето на Седмата белградска НАТО-недела под називот „Поминуваме низ ѕидови“.

Тој рече дека постојат две клучни причини за тоа.

„Прво, го делиме со вас вашето видување на демократијата и добрососедските односи со другите земји и меѓународните организации. Второ, кога соседите на НАТО се безбедни и стабилни и ние сме стабилни и безбедни“, истакна Илдем.

Како што рече, НАТО го разбира „товарот кој Србија го носи во зачувувањето на регионална стабилност“ и ги поддржува нејзините амбиции за поблиска интеграција со Европската Унија.

„Ја разбираме одлуката да станете партнер на НАТО, но да не барате членство“, рече Илдем.

Тој рече дека НАТО сфаќа дека е контроверзен во Србија и дека НАТО-кампањата во текот на бомбардирањето никогаш не била против српскиот народ, туку за да ги заштити цивилите, а дека секој невин загубен живот е трагедија поради која жалат.

Министерот за надворешни работи на Србија, Ивица Дачиќ, на отворањето на Седмата белградска НАТО- недела наведе дека овој настан е добра можност дополнително да се осветлат суштината и дометите на партнерската соработка на Србија со НАТО, состојбата во регионот, како и односите на Србија со најзначајните фактори на глобалната политика.

„Србија настојува да се надминат бариерите и ѕидовите и да се отстранат. Уверени сме дека наша задача е поврзување, а не одделеност и затвореност во својот двор без разбирање на грижите и интересите на другите актери во регионалната и светската политика. Ваквиот пристап е главната премиса за изградба на меѓусебната доверба како во регионот, така и пошироко. Нашата цел е да бидеме свртени кон иднината, но и да сме спремни да ги решаваме прашањата од минатото, истовремено штитејќи ги на најдобар можен начин клучните национални интереси“, рече Дачиќ.

Според него, Србија настојува со најзначајните актери на меѓународната политика да развива што е можно подобри односи, правејќи ја со тоа одржлива сопствената безбедност. Од друга страна, како држава кандидат за членство во ЕУ, земјата дава полн придонес во унапредувањето на стабилноста во овој дел на европскиот простор, што е исклучително важно и за вкупната европска безбедност.

Дачиќ рече и дека Србија континуирано започнува регионални теми кои имаат за цел зголемување на атрактивноста на целиот Западен Балкан, што би требало да влијае на зголемување на инвестицииите и растот на трговската размена, како основа за забрзан економски развој, изразувајќи надеж дека иницијативата за регионалниот „Мини Шенген“ ќе ја поддржат и останатите актери во регионот.

„Србија гледа во иднината и определелена е да ја унапредува соработката во областа на одбраната и безбедноста со членките и партнерите на НАТО. Политиката на воена неутралност, како основа на нашата политика не само кон НАТО, туку кон секој друг воен сојуз, не се доведува во прашање“, додаде Дачиќ.

Министерот рече дека од Алијансата очекува со разбирање да ги согледува и поддржува српските приоритети, што особено се однесува на Косово.

„Сметаме дека само компромисно решение постигнато со дијалог на Белград и Приштина, со поддршка на меѓународната заедница, може да обезбеди траен мир и стабилност. Не постои ниту една причина нешто што ќе го усогласат двете страни да не биде прифатливо за кој било трет актер. Уверени сме дека секој договор во решавањето на отворените прашања поттикнувачки делува на одржување на мирот и стабилноста во регионот“, изјави Дачиќ.

Тој потсети и дека е неопходен заеднички анганжман за сочувување на мирот, безбедноста и стабилноста и да се постигне просперитет, а дека до таа цел може да се дојде единствено со јакнење на соработката и довербата, како и со спремноста и одговорноста зборовите секогаш да бидат претворени во дела и дека сè што е договорено да биде потврдено и спроведено, без исклучок и без условување.

Седмата белградска НАТО-недела во Белград ќе трае до 14 ноември, во текот на која клучни теми ќе бидат: очекувањата од Самитот на НАТО-лидерите во Лондон, односите на Србија и НАТО, како и новите погледи на регионалната соработка.

На веб страницата на Anadolu Agency (AA) објавена е само дел од содржината на вестите од Системот на проток на вести (HAS). За целосната содржина на вестите ве молиме контактирајте нè за претплата.