Fatjon Cuka
12 Ноември 2019•Ажурирај: 13 Ноември 2019
ТИРАНА (АА) - Во рамки на акцијата на Националниот инспекторат за заштита на територијата (ИКМТ) за рушење на зградите погодени од проектот за изградба на Големата обиколница во Тирана, настанаа тензии и судири меѓу граѓаните и полициските сили, при што се повредени неколку граѓани и полицајци, јавува Anadolu Agency (AA).
Група граѓани на Тирана се спротивставуваат на рушењето на нивните станови кои се погодени од овој проект и бараат целосен надомест на штета и гаранција за нивно засолнување.
ИКМТ во раните утрински часови ја започна акцијата за рушење на неколку објекти во зоната која е вклучена во проектот за изградба на овој патен сегмент.
„Ќе се рушат 33 објекти, од кои 21 се експроприрани, додека останатите се исклучени од процесот на легализација. Објектите варираат од еднокатни до четирикатни. ИКМТ во оваа акција е поддржана од полицијата на државата“, се вели во соопштението на ИКМТ.
Меѓу другото, десетици полициски сили блокираа неколку патни сегменти за спречување на движењето на возилата, како и судирот на граѓаните со полицијата, додека локалната Полициска дирекција во Тирана соопшти дека група граѓани насилно им се спротивставиле на вработените на ИКМТ и полицијата.
„Граѓаните со камења, тврди предмети и молотови бомби ги нападнаа полицајците. Како резултат на нападот врз полицијата, повредени се пет полицајци, кои се пренесени во Воената болница за медицинска помош“, се вели во соопштението на полицијата, во кое се додава дека се повредени седум граѓани кои добиваат медицинска помош и се надвор од животна опасност.
- Реагира претседателот Мета
Во врска со тензиите реагираше претседателот на Албанија, Илир Мета, кој на социјалните мрежи напиша: „Неприфатливо е насилството повторено денеска кон граѓаните на Новата обиколница, кои протестираат во одбрана на нивните куќи и имоти.“
Мета упати апел до народот да не подлежи на провокации, и засегнатите страни веднаш да седнат за дијалог.
- Протести за проектот „Голема обиколница“
Протестите на овие граѓани продолжуваат околу една година, а бараат да добијат потполна гаранција за надомест на штета, нагласувајќи дека не е нивна вина што ги изградиле куќите и другите деловни објекти во зоната од каде што поминува еден од патните сегменти на Големата обиколница во Тирана.
Како резултат на проектот за изградба на Големата обиколница во Тирана (Нова обиколница) срушени се десетици домови и други објекти, од кои дел не се легализирани или регистрирани во Државната агенција на катастар.
Управителите на Општина Тирана пред неколку месеци нагласија дека за оваа категорија граѓани погодени од рушењето на становите, Општината ќе им понуди засолниште и ќе им го плати изнајмувањето за неколку години.
Изградбата на Големата обиколница во Тирана се очекува да продолжи во некои сегменти, додека еден дел е отворен за сообраќај.